Connect with us

Свет

Трамп претстави план за јужнокорејски инвестиции од 200 милијарди долари во енергетски проекти во САД

Претседателот на САД, Доналд Трамп, објави дека Јужна Кореја ќе инвестира 200 милијарди долари во големи енергетски и стратешки проекти во САД, вклучувајќи нуклеарна енергија, течен природен гас (ЛНГ) и инфраструктура за природен гас.

Трамп во објава на својата платформа „Трут Соушл“ наведе дека инвестициите биле договорени за време на неговата неодамнешна средба со јужнокорејскиот претседател Ли Џае Мјунг во Њујорк, на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации.

Тој изјави дека овие инвестиции – вклучително и програмата за нуклеарна енергија вредна 120 милијарди долари за изградба на осум нуклеарни реактори со голем капацитет во САД – спаѓаат во рамките на Договорот за стратешка трговија и инвестиции со Кореја, вреден 350 милијарди долари, кој минатата година го постигна со Ли.

Трамп изјави дека Вашингтон и Сеул исто така се договориле за соработка на проектот за ЛНГ во Аљаска, вреден 50 милијарди долари, додавајќи дека тоа „ќе донесе трансформативни промени за жителите на Аљаска“.

Пакетот вклучува и проект за термоелектрана на природен гас со моќност од 6,4 гигавати во Енцинал, Тексас, вреден 22 милијарди долари (19,43 милијарди евра), рече тој.

– Овие зделки се резултат на нашите трговски договори. Ги претвораме корејските ветувања за инвестиции во огромни градежни проекти и десетици илјади работни места за Американците – нагласи Трамп.