Скопје
Општина Кисела Вода и ЈП „Лајка“ органзиираат голем настан во пресрет на Светскиот ден на животните
Под мотото „Не можат да зборуваат, но можат да сакаат“, Општина Кисела Вода и Јавното претпријатие за благосостојба на животни скитници „Лајка“ – Скопје во сабота, на 3 октомври, организираат настан по повод Светскиот ден на животните.
Настанот ќе се одржи во паркот „Македонија“, пред Домот на култура „Билјана Беличанец“, а поканети се сите сопственици и љубители на животни.
Како што информира Општина Кисела Вода, дневната програма почнува во 11:00 часот, а просторот во паркот ќе претставува интерактивна зона за посетителите и милениците. Присутните ќе можат да добијат стручни совети од ветеринарен лекар за здравствената грижа и исхраната, додека професионални грумери ќе одржат практични демонстрации, консултации и шишање на кучиња.
Во рамки на настанот се предвидени и содржини од пет-шопови, презентации на храна и реквизити. Исто така, сите заинтересирани граѓани ќе имаат можност на лице место да вдомат бездомни кучиња од стационарот на „Лајка“.
Продолжението на програмата следува во вечерните часови, со почеток во 19:00 часот, на истата локација пред киното „Киноверзум“ каде ќе се одржи проекција на отворено на филмот „Приказната за Силјан“, настан на кој граѓаните можат да присуствуваат во друштво на своите миленичиња.
октомври 1, 2026
