Connect with us

Култура

Концерт на „Оркестарот нa семоќниот Марсел Дишамп” за 35 години „Стотројка“

На 1 октомври пред Домот на Армијата во Скопје доаѓа „Оркестарот нa семоќниот Марсел Дишамп (Orchestre Tout Puissant Marcel Duchamp)” – еден од најживописните и најнепредвидливите состави на швајцарската современа сцена.

„Овој семоќен афро-дада-панк оркестар во постојана трансформација е основан во Женева во 2006 година од басистот и композитор Винсан Бертоле. Токму оваа година одбележуваат 20 години постоење. Во текот на овие две децении, низ повеќе варијации на составот и со шест албуми зад себе, Оркестарот изгради свој музички свет во којшто африканската полиритмија, хајлајд, фри-џез, пост-панк, краутрок, и авангардната импровизација коегзистираат без потреба од јасни граници. Името на оркестарот е инспирирано од големите африкански состави на 20 век, меѓу коишто и ’Семоќниот полиритмички оркестар од Котону (Tout Puissant Orchestre Poly-Rythmo de Cotonou)’, додека името Марсел Дишамп упатува кон револуционерниот француски уметник и неговиот радикален однос кон уметноста, формата и конвенциоста. Некаде меѓу двете се наоѓа и музиката на овој необичен колектив“, се вели во соопштението. 

Во „Оркестарот нa семоќниот Марсел Дишамп“ велат дека нивниот бенд е пред сè сила на колективот: поединечните изведувачи се важни, но најважна е музиката.

„На сцената, составот брои 12 музичари, кои свират бас, тапани и перкусии, гитари, маримби, виолина, виолончело, дувачки инструменти, како и повеќе гласови. Големината на групата создава густ и слоевит звук, во којшто повторливите ритми постепено се наталожуваат, мелодиите се разминуваат и повторно се среќаваат, а музиката постојано се движи меѓу дисциплина и импровизација. Во живо, овој еластичен колектив го покажува своето вистинско лице. Ритми што не може да се игнорираат, мелодии што кружат, растат и експлодираат во лавина од хармонии, бои и текстури, со остри, надреални и поетични текстови. Музички коктел што без предупредување те тера да се движиш, да почувствуваш и да размислиш“, се додава во известувањето.

Настапот е на 1 октомври 2026, четврток, 21.30 часот, пред Домот на Армијата во Скопје. Концертот е дел од годишната програма по повод 35 години радио „Канал 103“, во соработка со „Мртов коњ“ и „Ѕирни фестивал“, и е поддржан од Министерството за култура и туризам и Амбасадата на Швајцарија во Македонија.