Connect with us

Вести

Пуштен во употреба студентскиот дом „Стив Наумов“, 1.150 студенти добиваат современи услови за живеење и студирање

Реконструираниот студентски дом „Стив Наумов“ во Скопје кој има капацитет од 1.150 легла денеска беше пуштен во употреба. Условите во домот, како што истакнаа присутните на пуштањето во употреба, се по европски стандарди. Наsкоро, како што беше најавено се очекува и пуштање во употреба на реконструираниот студентски дом „Кузман Јосифовски – Питу“ во Скопје. 

Проектот за реконструкција на домот „Стив Наумов“ е реализиран со поддршка од Германската развојна банка и Европската Унија.

Премиерот Христијан Мицкоски, кој присуствуваше на пуштањето во употреба на домот на студентите им порача дека нивна најважна задача е да учат, создаваат и да ја градат својата иднина. Тој изрази надеж дека овие простории ќе бидат место каде што ќе се создаваат нови знаења, дипломски, магистерски и докторски трудови, како и генерации кои ќе придонесуваат за развојот на државата.

-Во реконструираниот студентски дом „Стив Наумов во Скопје, кој има капацитет од 1150 легла, има европски услови. Она што студентите треба да го прават е само да се посветат на учењето, да ги завршат студиите, се разбира и понатаму да напредуваат – рече премиерот Мицкоски.

Вели дека проблеми има, дека како влада наследиле многу, како што вели илјадници, но дека секој ден решаваат по некој проблем.

-Овде 1150 студенти ќе ја градат својата студентска иднина. Практично, условите кои што денеска ги имаат се навистина, како што кажаа некои од претходните говорници, најдобри во регионот, можеби и пошироко. Навистина имаме европски услови, тоа кое што тие треба да го прават само да се посветат на учењето, да ги завршат студиите – рече Мицкоски.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска истакна дека домот делумно е вселен.

-Студентите кои се тука веќе не мора да се грижат ни дали има тече вода од кровот, дали имаат топла вода, ниту дали е топло или студено, ниту дали има влага под ѕидовите. Верувам дека сега ќе можат да се посветат само на учењето. ​Овие објекти, делумно изградени од 1964, а делумно во 90-тите години беа навистина во незавидна ситуација, навистина имаше субстандардни услови, но денес имаме енергетски ефикасен студентски дом кој исполнува европски стандарди – рече Јаневска.

Појасни дека капацитетот на домот е 1150 студенти, а најави дека многу скоро ќе биде отворен и студентскиот дом „Кузман Јосифовски – Питу“, кој ќе има капацитет од 280 студентски легла.

-​Со тоа го заокружуваме првиот лот и продолжуваме со инвестицијата која опфаќа девет студентски дома и шест училишта со ресурсни центри, во вредност од 86 милиони евра, од кои 60 милиони кредит од Германската развојна банка, 22 милиони грант и четири милиони инвестиција од Министерството за образование и наука. ​На студентите им посакувам многу учење и многу знаење, секако и дружење, рече министерката за образование и наука.

Евроамбасадорот Михалис Рокас истакна дека овој проект докажува оти концептот „Тим Европа“ функционира – што значи дека Германија и нејзината развојна банка KfW, заедно со грантови од Европската унија и ангажманот на Владата, Министерството за образование и премиерот, може да се обезбедат најсовремени објекти за студентите.

-Ова е добар, одличен ден и затоа што, како што истакна германскиот амбасадор, оваа инвестиција е и „зелена“ инвестиција. Таа значително ќе придонесе кон намалување на емисиите на CO2. Значи, станува збор за инвестиција важна за нашата иднина и за животната средина. Исто така, ова е одличен ден бидејќи секоја инвестиција во младите е инвестиција во нашата иднина. Очекуваме дека овој студентски дом ќе прими до 1.150 студенти, кои во одлични услови ќе можат да го прават она што најдобро го знаат: да учат и да имаат прекрасна средина за размена на идеи и ставови, за градење пријателства и за подготовка за иднината, рече Рокас.

Германската амбасадорка во Македонија Петра Дрекслер истакна оти е горда што заедно со германски партнери KfW банката и европските партнери, заедно во соработка со Министерството за образование и наука и со Владата е реализиран овој проект, кој, како што истакна, претставува заеднички напор за да им се обезбедат подобра иднина на граѓаните на оваа држава.

Инвестирањето во младите и во младината е нешто што ни е многу близу до срцето. Воедно исто така се залагаме за енергетски ефикасна рехабилитација којашто од една страна ќе обезбеди и енергетска сигурност, а од друга страна ќе овозможи и зелена и одржлива иднина за сите, рече таа.