Вести
Формиран Охридски форум за дијалог – регионална иницијатива за поголема доверба во уставното судство
По иницијатива на Уставниот суд на Република Северна Македонија, а со поддршка од уставните судови на Србија и Босна и Херцеговина, се формира Охридски форум за дијалог за поголема доверба во уставното судство. Станува збор за платформа за регионална соработка, размена на искуства и унапредување на принципите на независност, транспарентност и ефикасност на уставните судови.
Заклучоците од иницијативата ја препознаваат довербата во уставното судство како еден од неговите најзначајни ресурси. Во нив се нагласува дека градењето доверба е системско прашање во кое, покрај уставните судови и судиите, треба да учествуваат и политичките субјекти, медиумите, научната и стручната јавност.
Како важен предуслов за независноста се посочува јакнењето на личниот интегритет на судиите, а со тоа и институционалниот интегритет на судовите. Меѓу предложените мерки се наведуваат донесување и доследно почитување на кодекси на однесување, постојано унапредување на стручноста и компетентноста на судиите, како и ограничување на надворешните влијанија.
Во делот на транспарентноста, акцентот е ставен на приближување на работата на судовите до јавноста и поголема достапност на одлуките. Како можни механизми се наведуваат разбирливи соопштенија, брифинзи со судии, присуство на медиумите на седниците, директни преноси, јавни настапи на судиите и користење социјални мрежи.
Истовремено, за јавните настапи на судиите се предвидуваат јасни ограничувања, меѓу кои недискутирање за тековни предмети, непрејудицирање на исходот на постапките, избегнување лични напади и зачувување на кредибилитетот и институционалниот авторитет на судот.
Ефикасноста, пак, подразбира навремено постапување, почитување на роковите и избегнување неоправдано одолговлекување на постапките и седниците. Во современи услови, во оваа насока се препознава и потребата од користење соодветни дигитални алатки, бази на податоци и технологии за следење на предметите и јавните седници.
Во заклучоците се нагласува и значењето на медиумите во обезбедувањето транспарентност и информирањето на јавноста. Се предлагаат континуирани обуки и специјализација на новинарите, како и принципиелна и професионална соработка меѓу судовите и медиумите.
Како следен чекор се предлага склучување Меморандум за зголемување на довербата во уставните судови, со кој би се воспоставиле стандарди за транспарентност, заеднички показатели и методологија за следење на јавната доверба, периодична анализа на резултатите и регионално поврзување на базите на уставносудската практика.
Основањето на Охридскиот форум за дијалог за зголемување на довербата во уставните судови е резултат на плодната дискусија во рамките на регионалната конференција одржана на 16 и 17 септември 2026 година. Овој настан се одржа во Охрид, во организација на Уставниот суд на Република Северна Македонија, со поддршка на Германската фондација за меѓународна правна соработка (ИРЗ).
октомври 1, 2026
