Вести
Дипломатски договор межу Атина и Софија: Коските на Цар Самоил во замена за реликвии од грчки манастири
Меморандум за разбирање, со кој во Грција се враќаат 48 реликвии од два грчки манастири и од една црква што над 100 години биле изложени во Националниот историски музеј во Софија, а Грција ќе ѝ ги предаде на Бугарија останките на цар Самуил, потпишале денеска министрите за култура на двете земји, Лина Мендони и Евтим Милошев, јави дописничката на МИА од Атина.
Како што соопштија од Министерството за култура на Грција, меморандумот е за „меѓусебно предавање реликвии со историска вредност за двете земји“.
Предвидува враќање во Грција 48 реликвии што потекнуваат од светиот манастир „Пресвета Богородица Икосифиниса“, од светиот манастир „Свети Јован Крстител“ во Серес и Светата митрополија Серес и Нигрита, што во 1917 година, за време на Првата светска војна, биле пренесени во Софија и се изложени или чувани во Националниот историски музеј на Бугарија.
Од своја страна, како што соопштија од Министерството, Грција ќе ѝ ги предаде на Бугарија останките пронајдени во базиликата „Свети Ахил“ на истоимениот остров во Малото Преспанско Езеро, Грција, во 1965 година, од страна на професорот Николаос Муцопулос, кои се идентификувани како останки на цар Самуил (997 – 1014), заедно со другиот антрополошки материјал пронајден во вкупно четирите саркофази во базиликата.
Овие останки во изминатите години биле чувани во Музејот на византиската култура во Солун.
Дополнително, двете страни се согласиле да продолжат со преговорите за идентификација и вклучување во следен договор на историски предмети од заемен интерес, кои не биле опфатени со актуелниот договор.
– Потпишувањето на соодветните протоколи ќе се одржи во Музејот на византиската култура в сабота во присуство на премиерите на двете земји, Кирјакос Мицотакис и Румен Радев – соопштија од Министерството за култура на Грција.
Реликвиите што од Бугарија ќе се вратат во Грција првично ќе бидат изложени во Музејот на византиската култура до 5 ноември 2026 годинава, а потоа ќе им бидат предадени на двата манастири и на црквата од каде што биле одземени.
Според грчките медиуми, разговорите и преговорите меѓу двете земји траеле над десет години.
септември 29, 2026
