Вести
Отстранети дивите тезги кај Бит-пазар, одземени речиси 500 килограми храна
Во вонреден инспекциски надзор на Агенцијата за храна и ветеринарство отстранети се сите диви тезги на Бит-пазар и одземена е храна во количина од речиси 500 килограми, од кои најголем дел земјоделски производи.
Инспекцискиот надзор е спроведен денес во раните утрински часови по должината на булеварот Крсте Петков Мисирков, на потегот од трговскиот центар „Мавровка“ до Бит-пазар.
– Отстранети се сите диви тезги, повеќето со овошје и зеленчук. Одземена е храна во количина од речиси 500 килограми (најголем дел земјоделски производи) и отстранета е целокупната опрема за продажба, која била на диво поставена на пешачките и велосипедските патеки. Во координација со комуналните инспектори на Град Скопје на сторителите ќе им бидат изречени соодветни прекршочни мерки – информира АХВ.
Од АХВ информираат дека вчера во заедничка акција со СВР Гостивар официјални ветеринари на Агенцијата за храна и ветеринарство на приватен имот во село Чајле запленија и на депонијата „Русино“ нештетно уништија 150 килограми месо со изминат рок, без декларација и со непознато потекло.
септември 29, 2026
