Технологија
„Мета“ лансира нова ВИ-платформа за деловни услуги
Компанијата „Мета“ вчера ја претстави новата деловна единица којашто ќе обезбедува услуги засновани на вештачка интелигенција (ВИ) за компании. Извршниот директор на „Мета“, Марк Закерберг вели дека компанијата верува оти „суперинтелигенцијата ќе создаде значајни нови можности“ за луѓето и бизнисите.
– „Мета“ веќе опслужува милијарди луѓе во голем обем и им помага на стотици милиони компании да стигнат до своите кориници. Денеска го поставуваме следниот голем столб на нашиот бизнис – „Мета ентерпрајз платформата“ (Meta Enterprise Platform), со цел да им помогнеме на компаниите да ја користат ВИ за да растат и да се трансформираат на нови начини, изјави Закерберг.
Со „Мета ентерпрајз платформата“ ќе раководи Чирантан Десај, кој ќе работи директно под одговорност на Закерберг, според технолошкиот гигант од областа на социјалните мрежи. Десај носи големо искуство во развојот на софтверски решенија со целосен технолошки опсег, со нагласка на ВИ, инфраструктурата, деловните апликации и безбедноста, соопшти „Мета“.
– „Мета ентерпрајз платформата“ ќе се сосредоточи на претворање на нашиот ВИ-технолошки систем во производи и услуги што компаниите ќе можат да ги применуваат во рамките на своите бизниси. Нашата цел е „Мета“ да стане местото каде што компаниите доаѓаат за да го зголемат обемот на своето работење, додаде Десај.
До неодамна, тој беше претседател и извршен директор на „Монго-ДБ“ – компанија за софтвер за бази на податоци. Пред тоа, тој раководеше со развојот на производи и инженерството во „Клаудфлер“, компанија за кибер-инфраструктура и безбедност. Десај мина и речиси осум години во „Сервис-нау“, каде што, меѓу другото, беше претседател и главен оперативен директор.
септември 29, 2026
