Култура
Богата филмска, музичка, едукативна и изложбена програма на 8. фестивал ЅИРНИ
Осмото издание на фестивалот на филм и музика „ЅИРНИ“ ќе се одржи од денеска до 5 октомври на две локации – „КОТУР кафе и филм“ и Домот на АРМ.
Филмската програма е поделена на интернационална и национална официјална селекција, која брои седум скопски премиери на македонски кратки филмови, како и интернационална и национална студентска селекција. Филмовите во селекциите ќе се натпреваруваат за награди во своите категории, а програмата ќе понуди и три специјални проекции на кратки филмови на членови на тимот на „ЅИРНИ“.
Официјалната селекција, како што се наведува во соопштението, ќе се натпреварува за наградата „Данчо Чеврески“, како и за наградата за најдобар филм според публиката. Студентската селекција ќе се натпреварува за најдобар студентски филм, додека вкупно 14 филмови од целосната филмска програма ќе бидат во трката за најдобар филм според публиката.
Покрај кратките филмови, во соработка со „Македокс“ ќе биде прикажан и еден долгометражен документарен филм, „Југо оди во Америка“, како и театарската претстава „Казабалкан“, во режија на Дамјан Костовски, по сценарио на Горан Стефановски. Претставата „Казабалкан“ зборува за индивидуата во време на војна, каде љубовта и основниот инстинкт за преживување го мотивираат човекот да поверува во чуда.
Овогодишното жири кое ќе одлучува за најдобар филм во официјалната селекција го сочинуваат Василис Терзополус, главен програмер на интернационалната селекција на Фестивалот за краток филм „Драма“ од Грција, Сара Климоска, актерка и режисерка, и Дарко Набаков, актер, историчар на уметност и извршен директор на Фестивалот за креативен документарен филм „Македокс“. Жирито кое ќе одлучува за најдобар филм во студентската селекција го сочинуваат Тамара Ристоска, актерка, Атанас Велкоски, снимател и коселектор на кратката програма на ИФФК „Браќа Манаки“ и Игор Христов, режисер.
Придружната едукативна програма е распределена во текот на сите фестивалски денови и ќе започне со мастерклас на директорот на фотографија Самир Карахода. Публиката ќе има можност да ги гледа неговите кратки филмови „In Between“, „Displaced“ и „On the Way“.
Во рамките на едукативната програма ќе се одржи и работилница за глума пред камера и self-tape кастинг со Сара Климоска, како и панел-дискусија на тема „Жените што ги прават филмовите реалност“, на која ќе учествуваат продуцентките Ивана Шекуткоска, Сара Ферро и Марија Димитрова.
Предвидена е и панел-дискусија на тема „Улогата на фестивалите во креативното патешествие на краткиот филм“, со Марија Апчевска и Атанас Велкоски од „Браќа Манаки“, Петрула Велјановска од „Македокс“ и Василис Терзополус од фестивалот „Драма“.
Едукативната програма ќе биде заокружена со традиционалниот 48-часовен филмски предизвик, предводен од Игор Христов, а предавачи ќе бидат актерката Тамара Ристоска, снимателот Атанас Велкоски и режисерот и монтажер Радован Петровиќ.
Музичката програма годинава брои седум диџеј-сета, меѓу кои настапите на Бојан Јанев, Андреа Салпе, Еми Ермилова, Давид Николовски, Андреј Влашки и Диџеј Чваре, Боле и Double G.
Во музичката програма се предвидени и пет концерти на бендовите Orchestre Tout Puissant Marcel Duchamp од Швајцарија, LELEE од Словенија, Roza од Србија, како и на домашните САМ и HOT JAZZ QUARTET.
Во рамките на придружната програма ќе бидат отворени и две изложби.
Изложбата „Со сите наши чворови“ на Крсто Глигоријадис, курирана од Наде Циева, се надоврзува на делото „Распарчено тело“ на Глигоријадис, со што ја материјализира метафизичката и телесната траума преку визуелно и тактилно доживување. Делата ја отсликуваат релацијата на телото со духот во потполност, прикажувајќи ја нивната спона, како и резултатот од нивното оттуѓување.
Ќе биде поставена и групна изложба на студентите од Факултетот за ликовни уметности (ФЛУ), насловена „ВО ВОЗДУХ“, во соработка со арт-платформата „ПИОНЕРИ“.
Осмото издание на фестивалот „ЅИРНИ“ е финансиски поддржано од Агенцијата за филм на и е активност поддржана во рамките на проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој се имплементира од Хартефакт фонд.
септември 28, 2026
