Кошарка
МЗТ Скопје го освои Суперкупот
Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром во саботата во спортската сала во Куманово го освоија пехарот во Суперкупот „Драган Василов – Цевка“, откако играчите предводени од тренерот Васко Атанасов славеа против МКК Куманово со конечен резултат 70:68.
Во последната четвртина следуваше ново одвојување. МЗТ Скопје Аеродром стигна до 64:51, а три минути пред крајот имаше и 68:58. Куманово, сепак, не се предаде. Домашниот состав со серија во финишот успеа да се врати во мечот и да стигне до 68:70.
Следуваше и последниот напад, со можност за целосен пресврт, но домашниот состав не успеа да упати удар кон кошот, па МЗТ ја сочува минималната предност и го освои трофејот.
Деветти пат во својата клупска историја, МЗТ доаѓа до трофејот во Суперкупот. Овој пехар за актуелниот македонски шампион е одлично кревање на моралот на стартот од новата сезона во која покрај домашните обврски, го чекаат и настапи во АБА2 лигата и ФИБА Еврокупот.
За МЗТ доминираше Ноа Фарахан со 20 поени, следуваше Војдан Стојановски со 16 поени и седум скока, додека Лука Стојановски запиша 11 поени. Во составот на МКК Куманово, Стајиќ беше најпрецизен со 16 поени.
Овие две екипи ќе се сретнат и во воведното коло од домашната Суперлига, во меч закажан за 2 октомври (петок) во СЦ „Јане Сандански“ – Скопје.
септември 26, 2026
