Скопје
Општина Ѓорче Петров го одбележа својот празник со свечена седница на Советот, презентирани резултати и доделени признанија

Општина Ѓорче Петров денеска го одбележа својот празник со свечена седница на Советот, на која беа презентирани постигнатите резултати и идните визии за развој на општината, информираат попладнево од локалната самоуправа.
Градоначалникот Александар Стојкоски во своето обраќање истакнал дека општината во изминатиот период потврдила дека со визија, заедничка работа и обединетост, може да се гради стабилна, одговорна и современа локална заедница.

– Делата зборуваат најгласно – ова е нашата заедничка приказна за успех, нагласил Стојкоски.
Тој презентирал дел од реализираните проекти: 150 нови и реконструирани улици, нова спортска сала во Хром, осум нови спортски терени, нова општинска зграда – центар на услуги за граѓаните, реконструирана улица „Радушка“, реконструкција на училиштето во Кучково – регионален центар за деца херои, нова детска градинка во Стопански двор, пречистителна станица во Орман, бесплатна градинка и оброци за децата на бранителите, нов локален пат Волково – Орман.
– Сето ова е само дел од нашиот заеднички успех, темел за уште поголем развој, истакнал градоначалникот.
Стојкоски упатил голема благодарност до Советот на Општина Ѓорче Петров за „сите мудри и конструктивни одлуки во интерес на граѓаните, како и до сите општествено одговорни фирми и поединци кои со својата поддршка придонесуваат за напредокот на општината“.

На свеченоста биле доделени и годишни признанија. Годишната награда на Општина Ѓорче Петров му била врачена на доктор Боро Јончев, а биле одликувани и ученици, како и добитници на признанија за својот придонес во развојот на локалната заедница.
– Пред нас е нов мандат – исполнет со уште поголеми визии, посветеност и љубов кон Ѓорче Петров. Нашата цел е јасна – модерна инфраструктура, силна економија, среќни семејства и задоволни граѓани, додал Стојкоски.
Свечената седница, како што се нагласува во соопштението, завршила со заедничка порака за единство и заедништво.
– Заедно, со толеранција, соработка и љубов кон Ѓорче, ќе продолжиме да ја пишуваме историјата на нашата општина. Честит празник. Да живее Ѓорче Петров – симбол на борбата, развојот и нашиот сон за подобра иднина, подвлекол Стојкоски во обраќањето.
Имало и положување цвеќе пред споменикот на патронот на Општината, револуционерот Ѓорче Петров.
септември 20, 2025