Connect with us

Култура

Претпремиератa на „Три сестри“ во режија на Нела Витошевиќ вечерва во МНТ

 Претпремиератa на претставата „Три сестри“, по мотиви на А. П. Чехов, во режија на Нела Витошевиќ, ќе се одржи вечерва во Македонскиот народен театар, а премиерата е закажана за утре, 25 септември.

Новата сценска адаптација, по текст на Васил Христов и Нела Витошевиќ, а во драматургија на Викторија Рангелова-Петровска, е современо читање на еден од најзначајните драмски класици. 

Претставата „Три сестри“, во режија на Нела Витошевиќ, е работена врз новиот драмски текст под кој како автори се потпишуваат Васил Христов и Нела Витошевиќ. Во драмскиот текст се користат мотиви од истоименото дело на Чехов, поставени во постмодерна драмска структура – со динамичен и речиси документарно природен дијалог, суптилен хумор, разорна карактерна психологизација и поетичен драмски јазик. 

Како што стои во соопштението, во претставата „Три сестри“ се преиспитува денешната стварност преку галерија ликови заробени помеѓу спомените, изгубените идеали и копнежот по поинаков живот. Драмското дејство е поместено на овие наши простори, во современи општествени околности. Карактерите се лица што постепено се оддалечуваат од сопствените желби, од самите себе и од оние што вистински ги сакаат. Семејството станува мала слика за едно општество во распаѓање, во кое старите вредности исчезнуваат, а новите сè уште не се родени. 

– „Три сестри“ не ја гледам само како приказна за едно семејство што не успева да се придвижи. Ја гледам како приказна за луѓе и за едно општество заглавени во мртва точка. Сите знаат дека треба да се помрднат, сите зборуваат за промена, сите сонуваат за некаде и некогаш, но никој не успева навистина да тргне – вели режисерката на претставата Нела Витошевиќ. 

Во претставата настапуваат: Дарја Ризова – Ирина, Наталија Теодосиева – Маша, Верица Недеска – Олга, Дамјан Цветановски – Андреј, Благој Веселинов – Александар, Емил Рубен – Иван, Ивица Димитријевиќ – Игор, Нина Деан – Наташа и Антонио Ташковски – Никола. 

Креативниот тим го сочинуваат сценографот Игор Васиљев, костимографката Роза Трајческа, композиторот Огнен Анастасовски, а извршни продуценти се Симона Угриновска и Виктор Рубен. 

Билетите за претпремиерната и премиерната изведба, како и за првата изведба, која е закажана за 5 октомври, се достапни во продажба, а публиката може навреме да ги обезбеди своите места.