Култура
Ретроспективна изложба „Благоја Маневски: 40 години творештво“ утре во Музејот на современата уметност во Скопје
Во Музејот на современа уметност (МСУ) во Скопје, денеска ќе биде отворена ретроспективната изложба „Благоја Маневски: 40 години творештво“, посветена на четири децении од уметничката практика на еден од најавтентичните автори на македонската современа ликовна сцена.
Како што соопштуваат од МСУ, куратори на изложбата се Лилјана Неделковска и Натали Рајчиновска-Павлеска, а координатор на проектот е кустосот-советник Благоја Варошанец.
Поставката опфаќа дела создавани во периодот од 1985 до 2025 година, претставени преку континуиран процес на истражување, експеримент и поместување на границите на уметничкиот медиум. Практиката на Маневски се развива низ апстракцијата, минимализмот, постминимализмот, сликарството на материјата, монтажата и концептуалните стратегии, преминувајќи од сликарство и цртеж кон скулпторски објект, фотографија, амбиент, просторна инсталација, хепенинг и перформанс.
Ретроспективата ги прикажува клучните фази и циклуси на авторот, меѓу кои раните дела и циклусите „Балканско јадро“, „Симултана многузвучност“, „Ѕвезди и рабови“ и „Sponsus & Sponsa“, сè до фотографијата-објект, акумулациите и цртежите. Маневски припаѓа на генерацијата која во текот на 1980-тите и 1990-тите години придонесе за трансформација на македонската сцена, а неговото творештво е презентирано и на меѓународни манифестации како што се Југословенската Документа, Биеналето на млади во Риека и Венециското биенале.
Во рамки на изложбата ќе биде промовирана и монографија посветена на опусот на Маневски, во која се застапени текстови од Лилјана Неделковска, Натали Рајчиновска-Павлеска, Бојан Иванов и Валентино Димитровски.
Проектот е дел од годишната програма на МСУ – Скопје, финансиски поддржана од Министерството за култура и туризам.
септември 23, 2026
