Connect with us

Култура

Промовирана книгата „Кризата на детството: Загубениот дух на детството и смислата на играта“ на Кирил Барбареев

„Кризата на детството: Загубениот дух на детството и смислата на играта“ е новата книга на универзитетскиот професор на Факултетот за образовни науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, Кирил Барбареев. Промоцијата на книгата отвори поширока дебата за одговорноста помеѓу институциите за темата што е тоа што се случува со детството, и на еден многу подлабок начин да се разбере кризата која што се случува пред очите на родителите, наставниците, педагозите, психолозите и институциите.

Барбареев вели дека денешното детство се менува, а токму институциите, но и како индивидуалци треба да бидеме многу поподготвени кон предизвиците, да бидеме многу поодговорни и да се соочиме со овие ситуации во еден поформален контекст на одговарање на предизвиците во општеството.

​-Децата имаат многу забрзано детство и границата на детството е многу скратена, намалена е границата што е детство. Тие многу рано влегуваат во виртуелниот свет, многу рано влегуваат со содржини и активности за кои што  немаат капацитативност да ја разберат смислата на она за кое што го гледаат и заради тоа мислам дека возрасните, институциите, родителите треба да бидеме многу проактивни, многу да се едуцираме за да успееме да создаваме поквалитетен ритам на денот на децата-вели Барбареев. 

Универзитетската професорка од Филозофскиот факултет-Скопје, Лена Дамевска на денешната промоција на книгата „Кризата на детството: Загубениот дух на детството и смислата на играта“ истакна дека овој труд за првпат кај нас го актуелизира проблемот на децата и детството, меѓутоа од сосема  поинаков аспект. 

-Значи, во многу поширок општествен контекст — педагошки, психолошки, културолошки. Со едно отворање на многу провокативни, аналитички прашања коишто всушност нè ставаат во ситуација да размислиме: кој го креира контекстот за децата во Република Македонија? Кој го креира педагошкиот дискурс во една училница? Значи, сите се тоа прашања кои што на крајот го наметнуваат и можеби суштинското прашање: Дали има национален интерес за возраста од 0 до 6 години во Република Македонија-вели Дамевска. 

​Психологот Љупчо Кеверески универзитетски професор од Педагошкиот факултет вели ​ она што е посебно важно за оваа книга од психолошки аспект е тоа што на некој начин може да сме сведоци на една нова визуелизација на реалноста, во која што феноменот на предрасудите и апсурдите претставуваат правило, а како што рече „кога тие стануваат правило“. 

-Тогаш се губи смислата на функционирањето на личноста, а она што е посебно, да кажам, зрело криза во детството, се чувствува еден дисбаланс или нерамнотежа во однос на детскиот развој, а уште е поважно да го истакнеме дека дигиталниот центризам се наметнува на психолошкиот избор на слободата. Она што во последно време сме сведоци е детето ја губи својата автентичност, односно играта ја губи својата автентичност и од тој дигитален магнетизам се изгуби и психолошкиот магнетизам, односно значењето на играта- подвлече Кеверски.

Марко Трошановски од Институтот за демократија Социетас Цивилис (ИДСЦС) посочува и дека социјалните мрежи го менуваат и начинот на воспитуваање на децата, а семејството и училиштатата се во постојана трка како да го задржат своето влијание. Во виртуелниот свет децата не наоѓаат само забава, туку и содржини и модели на однесување.

 -Книгата предочува на забрзаните родители, дезориентираните наставници соочени со деца кои што не почитуваат авторитет и кои што немаат фокус, изложени пред се на воспитуваање од социјалните мрежи, а не од страна на училиштата и семејството. Воочува една нова парадигма којашто укажува колку е важна и определувачка улогата на социјалните мрежи на кои што новото дете и идниот граѓанин е изложени-рече Трошановски.

Мирјана Ѓоргиевска-Ѓуров, магистар по педагошки науки забележа дека најновата книга на Барбареев повторно го актуелизира прашањето за тоа што значи како индивидуи да израснеме во зрели, совесни, одговорни личности кои што ќе можат да придонесуваат за развој на заедницата, истовремено развивајќи ги своите потенцијали.