Култура
Во Анкара отворена изложбата „Патувањето на парите“ – значаен дел од македонското културно наследство
Изложбата „Патувањето на парите“, отворена во Музејот на Анадолиски Цивилизации – Anadolu Medeniyetler Müzesi во Анкара претставува значајно меѓународно претставување на македонското културно наследство и важен придонес кон продлабочувањето на културните врски меѓу Македонија и Турција.
Изложбата ја отвори амбасадоротЈован Манасиевски, со што беше истакнато значењето на овој културен настан и неговиот придонес кон унапредувањето на соработката меѓу двете земји.
Преку историјата на монетите, нивното производство и развојот на ковниците во Скопје и Кратово, изложбата ја прикажува богатата и сложена историја на овие простори, како и нивната поврзаност со пошироките економски и културни процеси во османлискиот период.
Поставката овозможува посетителите да се запознаат со значењето на парите како историски извори, кои не се само средства за размена, туку и сведоштва за времето во кое настанале. Преку монетите се откриваат податоци за владеењето, економијата, трговијата, административната организација и културните влијанија што се развивале низ вековите. Посебно место во изложбата имаат ковниците во Скопје и Кратово, кои сведочат за нивната важна улога во монетарниот и економскиот систем на Османлиската Империја.
Изложбата ќе биде отворена во текот на целиот месец, со што посетителите ќе имаат можност подолг период да се запознаат со нејзината содржина и со значењето на монетарното наследство на овие простори.
Претставувањето на изложбата во Anadolu Medeniyetler Müzesi во Анкара има особено значење бидејќи се одржува во институција со исклучителна музејска и историска вредност. На тој начин, македонското културно наследство се поставува во поширок регионален и европски контекст, а истовремено се отвора можност за нови форми на соработка меѓу музеите, истражувачите и културните институции од двете земји.
Автор на изложбата е Даниела Николова, која преку внимателно избраниот материјал и концепциската поставеност ја претставува историјата на парите како значаен дел од заедничкото културно наследство и историското паметење. Организацијата за изложбата и преводот на материјалите го реализира Марија Лоловска, со што изложбата е достапна и за турската публика и овозможува нејзината содржина да биде разбрана во целост.
Изложбата е реализирана со поддршка од Халкбанк АД Скопје, која со своето учество придонесе кон нејзиното меѓународно претставување и промоцијата на македонското културно наследство, наведува авторката на изложбата Николова.
„Патувањето на парите“ не ја претставува само историјата на монетите, туку и историјата на луѓето, градовите, трговските патишта и културните контакти што се развивале низ вековите. Преку оваа изложба, Скопје и Кратово се претставени како важни центри на монетарното производство и како места што сведочат за долгата и испреплетена историја на македонскиот и турскиот простор.
септември 22, 2026
