Култура
„Смрт на погребот“ – нова премира на кумановскиот театар ги отвора „Деновите на комедијата“
Кумановци, утревечер во 20 часот, на почетокот на Фестивалот „Денови на комедија“ ќе можат да ја видат новата премиера на Театар Куманово „Смрт на погребот“ во режија на Ненад Витанов. Во претставата играат актерите Жарко Јовановиќ, Марко Трајковиќ, Александра Михајловска Величковски, Владо Дојчиновски, Дубравка Киселички, Горан Илиќ, Давид Илиќ, Анастасија Трајковиќ, Никица Јанковски и Мирослав Петковиќ.
Режисерот Ненад Витанов кажа дека претставата е „црна романтична комедија“. Публиката ја очекува брза и динамична сценска игра, со голем број актери, атрактивни ситуации и многу хумор.
– Кога фестивалот го отвораш, а фестивалот е како една куќна слава во која доаѓаат многу гости, посебно е задоволството кога имаш да се пофалиш со нешто што е ново во твојот дом, а ново во кумановскиот театар е претставата „Смрт на погребот“, рече Витанов.
Актерот Жарко Јовановиќ и Марко Трајковиќ на прес-конференцијата кажаа дека публиката ја очекува брз и динамичен хумор, интересни ситуации.
Актерката Александра Михајловска Величковски и Никица Јанковски ги поканија кумановци кои не обезбедиле карти за премиерата да ја проследат претставата на некоја од наредните изведби.
Директорката на НУЦК „Трајко Прокопиев“, Јоана Сарафимовска, рече дека годинава за првпат фестивалот ќе биде отворен со кумановска претстава.
септември 22, 2026
