Connect with us

Скопје

Одбележан Денот на Општина Ѓорче Петров – со почит кон минатото и визија за иднината

Со положување цвеќе на споменикот на патронот Ѓорче Петров и со свечена седница на Советот, општината денеска го одбележа својот празник – Денот на Општина Ѓорче Петров. Пред споменикот на Ѓорче Петров, бројни делегации положија цвеќе и оддадоа почит кон ликот и делото на македонскиот револуционер, просветител, учител и историчар, чие име со гордост го носи општината, информираат од Општината.

По положувањето цвеќе, била одржана свечената седница на Советот на Општина Ѓорче Петров на која било одбележано значењето на празникот, но и постигнатото во изминатиот период, со посебен акцент на проектите и инвестициите што придонесуваат за подобрување на условите за живот на граѓаните.

-Ѓорче Петров не е само име на нашата општина. Тој е дел од нашата историја, нашето наследство и вредностите што не обврзуваат и денес. Нашата обврска е на секоја следна генерација да и оставиме подобро Ѓорче Петров од она што сме го наследиле – рекол градоначалникот Александар Стојкоски во своето обраќање пред присутните.

Во изминатиот период, нагласил Стојкоски, Општина Ѓорче Петров реализираше бројни инфраструктурни, образовни, социјални и спортски проекти.

– Особено значаен е инвестицискиот циклус реализиран преку проектот „Ѓорче Петров без кал“, во рамки на кој се реконструираа и уредија над 300 улици, се подобруваше патната инфраструктура и се создаваа подобри услови за секојдневно движење на граѓаните. Паралелно со инфраструктурниот развој, општината инвестира во образованието и грижата за најмладите. Започната е доградба на основните училишта „Јоаким Крчовски“, „Страшо Пинџур“ и „Димитар Поп Георгиев – Беровски“-подрачно, со што се создаваат услови за зголемување на училишните капацитети и воведување едносменска настава – истакнал Стојкоски. 

Во Волково, додал, отворен е нов објект за најмладите, започната е изградбата на нова детска градинка во Стопански Двор, а се реализираат активности и за изградба на нова образовна институција од ваков вид во Дексион.

-Во областа на спортот, изградени се нови спортски терени и реконструирани постојните, додека во Хром е изградена нова училишна спортска сала, со што учениците добиваат современи услови за спорт и рекреација. Посебно место во развојот на општината имаат и проектите од социјалната сфера, меѓу кои Регионалниот центар во Кучково за деца кои го победиле канцерот, како и Центарот за дневен престој и индивидуален третман за деца и млади со попреченост, се вели во соопштението од Општина Центар. 

На седницата на Советот биле доделени и плакети, дипломи и признанија за најуспешните ученици во повеќе области. Добитник на годишната награда на Општина Ѓорче Петров е поранешниот градоначалник Сокол Митровски. 

Одбележувањето на Денови на Општина Ѓорче Петров продолжува вечерва и утревечер во реонскиот парк со уметничко-забавна програма за сите генерации.