Connect with us

Свет

УНИЦЕФ: Секое петто дете во 21 земја доживеало сексуална експлоатација и злоупотреба со помош на технологија

Се проценува дека 20 милиони деца на возраст од 12 до 17 години – речиси секое петто дете – биле изложени на барем една форма на сексуална експлоатација и злоупотреба со помош на технологија, во само една година, во 21 земја, според новиот извештај објавен од УНИЦЕФ денеска, се вели во соопштението од канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје.

„Низ детските очи: Како дигиталните технологии овозможуваат сексуална злоупотреба на деца“ ги обединува сведоштвата на децата со една од најголемите бази на достапни анкетни податоци за да предупреди на широко распространет тренд на сексуална злоупотреба и експлоатација на деца – онлајн и офлајн – овозможени од технологијата.

Во извештајот се проценува дека над 15 милиони деца биле изложени на несакана сексуална содржина, од 9 милиони било побарано да се вклучат во сексуални разговори или да споделат сексуални слики против своја волја, а сексуални слики од 4 милиони деца биле споделени без нивна согласност. Меѓутоа, вистинскиот обем на проблемот веројатно е многу поголем поради недоволното пријавување од страна на децата.

„Извештајот открива болна реалност. Повеќе од 20 милиони деца во земјите опфатени со истражувањето биле изложени на несакана експлицитна сексуална содржина или експлоатација преку интернет, често во дигиталните простори каде што учат, играат и се поврзуваат со пријателите“, изјави извршната директорка на УНИЦЕФ, Кетрин Расел. „Овие искуства предизвикуваат длабоко емоционално и психичко страдање. Многу деца страдаат во тишина, не знаејќи каде да се обратат за помош. Не смееме да го свртиме погледот.“

Според наодите, речиси 60 проценти од случаите се случиле на социјалните мрежи, вклучувајќи ги Фејсбук, Инстаграм, Снепчет, ТикТок и Вотсап, а 14 проценти од случаите се случиле во онлајн-игри, при што карактеристиките, функциите и дизајнот на платформите се користеле за искористување на довербата, се наведува во извештајот. Во Црна Гора, повеќе од 80 проценти од пријавените случаи вклучувале платформи на социјалните медиуми, додека во Колумбија тие биле поврзани со над половина од случаите.

Во земјите опфатени со истражувањето, во 57 проценти од случаите било вклучено лице што детето веќе го познавало, меѓу кои и врсници, романтични партнери, пријатели и членови на семејството, со што се побиваат претпоставките дека онлајн-злоупотребата првенствено ја вршат непознати лица. Истовремено, 38 проценти од децата првпат го сретнале сторителот на интернет, а доказите покажуваат дека злоупотребата се олеснува преку лажни профили и приватни пораки.

Сексуалната експлоатација и злоупотреба со помош на технологија може длабоко да влијаат врз емотивната благосостојба на децата, нивното чувство на безбедност и доверба во другите. Искуствата што децата ги опишуваат при разговорите во истражувањето честопати се фокусираат на страв, срам, збунетост и изолација, при што многумина се мачат да сфатат што се случило или каде да побараат помош.

„Не знаев како да реагирам… Бев како во шок“, рече една млада жена од Доминиканската Република, откако приватни слики биле објавени без нејзина согласност на 14-годишна возраст. Друга учесничка во истражувањето, размислувајќи за слично искуство, рече дека се чувствувала „како најискористена, највалкана, најлоша личност“.

Според анализата, децата изложени на експлоатација со помош на технологија имале четирипати поголема веројатност да пријават самоубиствени мисли или однесување и самоповредување, а пријавиле и значително повисоко ниво на анксиозност. На пример, во Мексико и Северна Македонија, ризикот од самоубиствени мисли или однесување бил повеќе од осумпати поголем кај децата кои доживеале злоупотреба, додека во Пакистан ризикот од самоповредување бил над седумпати поголем.

Над 40 проценти од случаите на злоупотреба со помош на технологија никогаш не биле обелоденети пред никого, додека помалку од 1 процент биле пријавени до надлежните органи како што се полицијата, социјалните работници или телефонските линии за помош. На глобално ниво, најчестата причина поради која децата молчеле била тоа што не знаеле каде да одат или кому да кажат. Во некои од земјите опфатени со истражувањето,  стапките на неоткривање биле уште повисоки, како на пример, во Ерменија, каде што за над половина од случаите никогаш не било кажано никому.

Наодите укажуваат на итна потреба од постапување на владите, технолошките компании и другите чинители заради подобра заштита на децата во дигиталната доба. Во извештајот се повикува на итна акција за:

Дигиталните платформи треба да бидат „безбедни по дизајн“ – со посилна заштита на приватноста на децата, ограничувања за непосакуван контакт од возрасни, побезбедни системи за препораки и подобро откривање и пријавување злоупотреби.
Зајакнување на законите, регулативата и одговорноста, обезбедувајќи им на владите извршни инструменти и мерки за решавање на сѐ поразвиените форми на злоупотреба, вклучително сексуална изнуда и материјал со сексуална злоупотреба генериран од вештачка интелигенција.

Градење системи за пријавување и поддршка на кои децата можат да им веруваат, како и вложувања во детска заштита, здравство, правда и социјални услуги.

Заштитата не смее да биде товар на децата. Семејствата, училиштата и заедниците треба да обезбедат поддршка кога децата ќе се доверат за злоупотребата која им се случила и да им помогнат безбедно да пристапат до соодветна помош.
Намалување на економската ранливост што ја злоупотребуваат сторителите, преку посилна поддршка на семејствата и проширување на можностите за образование и вработување на децата и младите.

Справување со општествено-родовите норми со кои се нормализира сексуализацијата на девојчињата и се стигматизираат жртвите на сексуално насилство.

„Сите ние, вклучувајќи ги владите и технолошките компании, мора да направиме повеќе за да ги заштитиме децата на интернет“, рече Расел.

Сексуалната експлоатација и злоупотреба на деца со помош на технологија се однесува на начините на кои се користат дигиталните технологии и платформи за да се овозможи или да се засили сексуалната злоупотреба и експлоатација на деца, како онлајн, така и во живо.

Извештајот „Низ детските очи: Како дигиталните технологии овозможуваат сексуална злоупотреба на деца“ се базира врз национално репрезентативни анкети на приближно 21.000 деца-корисници на интернет на возраст од 12 до 17 години во 21 земја, заедно со детални интервјуа со 100 млади кои доживеале злоупотреба во детството. Бидејќи примерокот во истражувањето опфаќа само деца кои користат интернет, наодите се репрезентативни само за овие деца, а не и за сите деца, посебно во земјите со послаба интернет конекција. Истражувањето го спроведе УНИЦЕФ како дел од проектот „Спречување на штетата (Disrupting Harm)“, којшто заедно го реализираат УНИЦЕФ, ЕКПАТ Интернационал (ECPAT International) и ИНТЕРПОЛ.

Овој извештај комбинира докази од двата круга на истражувањето „Спречување на штетата“ спроведено во 21 земја. Првиот круг, со податоци собрани првенствено во периодот 2020–2021 година, ги опфати Камбоџа, Етиопија, Индонезија, Кенија, Малезија, Мозамбик, Намибија, Филипините, Танзанија, Тајланд, Уганда и Виетнам. Во вториот круг, во периодот 2024-2025 година, истражувањето се прошири на Ерменија, Бразил, Колумбија, Доминиканската Република, Мексико, Црна Гора, Северна Македонија, Пакистан и Србија.

Во Македонија децата кажуваат, но не пријавуваат

Податоците за Северна Македонија се извлечени од неодамна промовираната студија „Спречување на штетата во Северна Македонија: Докази за сексуална експлоатација и злоупотреба на деца со помош на технологија“. Одредени индикатори во светската анализа се усогласени и прилагодени за да се овозможи компарација меѓу земјите-учеснички и затоа може малку да се разликуваат од бројките презентирани во националниот извештај. Зависно од индикаторот, споредбите се базираат или на 21 земја-учесничка во пошироката програма „Спречување на штетата“ или на подгрупа од 9 земји што учествуваа во вториот круг од истражувањето, а кој опфаќаше дополнителни прашања за новите форми на онлајн-злоупотреба, карактеристиките на сторителите и патиштата на злоупотреба.

Иако споредбите меѓу земјите треба да се толкуваат со претпазливост, глобалната анализа помага наодите за Северна Македонија да се стават во меѓународна перспектива. Таа ги истакнува специфичните ризици со кои се соочуваат децата во Северна Македонија, како и важните можности за зајакнување на превенцијата, пријавувањето, услугите за ментално здравје и заштита, но и одговорите на дигиталните платформи и другите чинители за подобра заштита на децата онлајн.

Клучните наоди за Северна Македонија се следниве:

Се проценува дека 11.727 деца-корисници на интернет на возраст од 12 до 17 години (9,4%) во Северна Македонија доживеале барем една форма на технолошки олесната сексуална експлоатација и злоупотреба во годината пред истражувањето, во споредба со просечната преваленца од 18% во 21 земја опфатена во анализата. Иако Северна Македонија пријавува пониска преваленца кај неколку форми на сексуална експлоатација и злоупотреба на деца со помош на технологија во споредба со просекот на земјите-учеснички, наодите откриваат нови ризици што бараат итно внимание.

Северна Македонија покажува највисока преваленца меѓу деветте земји вклучени во вториот круг од истражувањето кај деца кои добивале закани или уцени да се вклучат во сексуални активности (4,4%, во споредба со просекот од 3%) и кај деца кои добивале закани од ширење сексуални слики или видеа од нив (4,2%, во споредба со просекот од 2%).

Исто така, Северна Македонија бележи највисока преваленца меѓу деветте земји кај децата кои пријавиле дека биле креирани сексуални слики или видеа генерирани од вештачка интелигенција што ги прикажуваат нив (4,3%), повеќе од двојно во однос на просекот од 2,0% во сите земји. Овие наоди посочуваат дека новите технологии создаваат нови ризици по безбедноста на децата на интернет.

Со компаративната анализа се побиваат вообичаените претпоставки за злоупотребата онлајн. Осум од десет (80%) инциденти вклучувале некого што детето веќе го познавало, т.е. пријатели, членови на семејството, романтични партнери или познајници, во споредба со просекот од 57% во земјите-учеснички. Ова е највисокиот процент пријавен меѓу земјите вклучени во студијата.

Над половина од сторителите (52,8%) првпат биле запознати на јавно место, во споредба со просекот од 23% во деветте земји опфатени во анализата. Училиштето и домот, исто така, биле важни места каде што децата првпат ги сретнале сторителите: 18,3% првпат ги сретнале на училиште, а 18,5% дома, во споредба со просекот од 26% и 14%, соодветно. Овие наоди нагласуваат дека злоупотребата со помош на технологија не е само онлајн- појава и често произлегува од постоечките односи на децата и од секојдневните средини.

Северна Македонија бележи и најголем процент на полнолетни сторители меѓу деветте земји опфатени во вториот круг од студијата. Речиси шест од десет инциденти (59%) вклучувале возрасен сторител, во споредба со просекот од 34%.

Ударот врз благосостојбата на децата е голем. Во Северна Македонија, децата изложени на експлоатација со помош на технологија имале 8,6 пати поголема веројатност да пријават самоубиствени мисли или однесување и 9,4 пати поголема веројатност да пријават самоповредување во споредба со децата кои не биле изложени. Овде е забележана најголема поврзаност меѓу овие две работи во споредба со 21 земја опфатена во студијата, со што се подвлекува дека онлајн-сексуалната експлоатација не е само прашање на детска заштита, туку и значителен проблем за менталното здравје.

Охрабрува тоа што Северна Македонија покажува највисока стапка на обелоденување меѓу земјите-учеснички. Скоро девет од десет деца (87,6%) кои доживеале злоупотреба раскажале некому за тоа што се случило, во споредба со просекот од 59%. Децата најчесто им кажувале на мајките, пријателите, татковците, браќата и сестрите, со што се нагласува клучната улога којашто семејствата и врсниците ја играат во поддршката на децата. Сепак, како и во другите земји, помалку од 1% од случаите биле пријавени до формални механизми за поддршка како што се полицијата, социјалните работници или телефонските линии за помош.

Овие наоди нагласуваат дека сексуалното искористување и злоупотреба на децата со помош на технологија не е само проблем на интернет. Тоа често е вкоренето во постоечките односи на децата и во секојдневните средини. Затоа, заштитата на децата налага да се направи повеќе отколку само мерки за безбедност онлајн. Северна Македонија мора да се потпре на подготвеноста на децата да проговорат, така што ќе овозможи секое откривање да води кон навремен и координиран одговор ориентиран кон детето, истовремено јакнејќи ја свеста на семејството и заедницата, унапредувајќи здрави односи и дигитална отпорност, подобрувајќи ги патиштата за пријавување, обезбедувајќи пристап до услуги за поддршка по мерка на децата и зголемувајќи ја одговорноста на технолошките платформи, со цел да се создадат побезбедни дигитални средини за децата.