Култура
Цветин изработи 35 метарска мироцветна патека
Живко Поповски – Цветин, македонски уметник и хуманист, изработи 35 метарска мироцветна патека по повод три и пол децении македонска независност. Оваа цветна патека, според него, претставува Симбол на мирољубивиот македонски народ и сите народности кои живеат во Македонија.
– Во сите овие триесет и пет години, како македонски народ, покажавме и докажавме дека чекориме по цветната патека на мирот. Ние сме мирољубив народ, кој создава дополнителна вредност, се грижи за своето утре, кроток по природа. Нека ни е честито одбележувањето на независноста и да славиме уште многу вакви јубилејни денови. Оваа патека ја посветувам на граѓаните на Македонија со апел да продолжат да се грижат и да работат на остварување на мир во светот, вели Поповски – Цветин.
Мироцветната патека ќе се промовира на улица „Македонија“, во училишта, здруженија на граѓани, на промоции на книги и други настани, секако проследена со поезија, песна и музика.
Живко Поповски – Цветин е уметник сликар и хуманист и кандидат за Нобеловата награда за мир. Во македонската и пошироката светска јавност е познат и почитуван по неговата хумана акција – мисијата Цвеќето на мирот. Во Македонија и во странство има реализирано повеќе од 300 изложби. Во изминатите години творештво тој подарил повеќе од 70.000 слики, кои се наоѓаат во домовите на претседатели на држави, парламентарци, уметници, поети, музичари, спортисти и на многу институции и поединци кои зрачат со позитивна енергија.
август 15, 2026
