Регион
Силно невреме ја зафати Грција: Поплавени објекти, прекини во струјата и забрана за испловување фериботи
Силно невреме денеска зафати голем дел од Грција, при што се поплавени улици, продавници и домови, прекината е струјата на повеќе острови и е забрането испловување на фериботите, објавија грчките медиуми.
Цивилната заштита го прогласи највисокото ниво на тревога за островската група Споради, туристичкиот остров Крит и областа Атика, во која се наоѓа главниот град Атина. Граѓаните се повикани да не излегуваат надвор освен во случај на итна потреба, а многу училишта останаа затворени од претпазливост.
Прекини во снабдувањето со електрична енергија беа пријавени на островите Скијатос и Скопелос, додека на островот Евија има соборени бројни дрвја. На Родос, припадници на противпожарната служба морале да спасуваат жена од нејзиниот автомобил, кој бил опколен со надојдена вода.
До понатамошно известување е забрането испловување на фериботите од главните пристаништа на копното, Лаврио и Пиреј (како и пристаништата во Атина). Во Егејското Море дуваат силни ветрови со налети побрзи од 100 километри на час.
Според државната метеоролошка служба ЕМИ, невремето и обилните врнежи се очекува да продолжат во текот на целиот ден, како и во текот на ноќта на Крит. За утре е издадено предупредување дека опасноста привремено минува, но се очекува временските услови повторно да се влошат в петок.
октомври 14, 2026


