Регион
Дел од албанските ученици и студенти ја бојкотираат наставата по вчерашните протести во Тирана
Дел од албанските ученици и студенти денеска ја бојкотираат наставата и организираат протестни маршеви по вчерашниот деветчасовен протест во Тирана, проследен со судири, тензии и насилни инциденти, објавија локалните медиуми.
Според „Еуроњуз Албанија“, ден по протестот поврзан со барања од образованието и социјалната сфера, учениците од средното училиште „Партизани“ во Тирана денеска ја бојкотираа наставата, а кон нив подоцна се приклучија и студентите по медицина.
Телевизијата „Топ чанел“ пренесува дека на бојкотот и протестите им се приклучиле и студенти од други високообразовни установи, меѓу кои Политехничкиот и Земјоделскиот универзитет во Тирана, кои започнале протестен марш кон Министерството за образование.
Вчерашниот протест во албанската престолнина започна токму пред Министерството за образование, по што ситуацијата ескалираше во неколку делови на Тирана, каде што беа регистрирани судири со полицијата, оштетување имот и други инциденти, потсетува „Еуроњуз Албанија“.
Во меѓувреме, албанската полиција соопшти дека четворица полициски службеници и еден полициски началник се отстранети од должност и против нив е покрената дисциплинска истрага поради видеоснимки објавени на социјалните мрежи. На снимките се гледа 19-годишно момче со повредена нога, кое го придружуваат полициски службеници. Проверките за случајот продолжуваат.
Во соопштение објавено на социјалните мрежи, студентите вчера најавија дека нема да присуствуваат на денешната настава, нагласувајќи дека бојкотот е форма на протест со која сакаат да привлечат внимание кон нивните барања и да извршат притисок врз властите за нивно исполнување, објави „Албејниан дејли њуз“.
октомври 14, 2026


