Connect with us

Регион

Амбасадорката на САД во Атина, Гилфојл, поднесе оставка по барање на Белата куќа откога беше обвинета за несоодветно однесување

Американската амбасадорка во Грција, Кимберли Гилфојл, синоќа поднесе оставка по обвинувањата за несоодветно однесување, но изјави дека „решително ќе се брани“.

Претходно, Белата куќа соопшти дека ја побарала оставката на амбасадорката. – Ја замоливме амбасадорката Гилфојл да поднесе оставка. Беше одлична придобивка за тимот и ѝ посакуваме сè најдобро – изјави портпаролката на Белата куќа, Кејти Закарија, на брифинг.

Американскиот претседател Доналд Трамп во понеделникот изјави дека размислува за отпуштање на Гилфојл. – Не сме задоволни – изјави тој пред новинарите. Според медиумите во двете земји, повод се објавите во американските медиуми за однесувањето на дипломатката пред да ја преземе функцијата во Атина и за нејзините постапки за време на мандатот во Грција.

Во американскиот печат во изминатите денови се појавија тврдења дека Гилфојл побарала пари од поддржувач на Трамп во замена за обезбедување пристап до член на американската влада.

Истрагата на американскиот весник „Волстрит џурнал“ откри дека Гилфојл на вечера во Атина во март годинава изјавила дека САД може да влијаат врз паѓањето влади наведувајќи го примерот на Романија. Таа додала дека САД тоа може да го сторат и во други земји, вклучително и во Грција.

Весникот јави и за нејзините контакти со претставници на грчки деловни интереси и за присуство на лобист на дел од нејзините дипломатски средби. Тврдењата доведоа до проверки од водечки демократи во комисиите за надворешни работи на Сенатот и на Претставничкиот дом на Конгресот на САД, а Гилфојл негира дека сторила прекршок и го оспори начинот на кој е прикажан разговорот од вечерата во Атина.

Гилфојл во објава на мрежата „Икс“ негира дека сторила нешто неисправно и додаде дека била горда што во Атина ја претставувала „најголемата земја во историјата на светот“, јави онлајн-изданието на весникот „Катимерини“.

Гилфојл, поранешна телевизиска водителка на „Фокс њуз“ и поранешна обвинителка во Калифорнија, функцијата амбасадорка на САД во Грција ја извршуваше помалку од една година. Во објавата посочи дека мандатот ѝ бил „чест за цел живот“.

„Мојата благодарност и почит кон претседателот Трамп и државниот секретар (Марко) Рубио остануваат непоколебливи. Се гордеам на она што го постигнавме заедно и секогаш ќе бидам лојален поддржувач на претседателот Трамп и на неговата мисија ‘да ја направиме Америка повторно голема’“, напиша таа. „Овие обвинувања се невистинити и имам намера решително да ги бранам своето име, репутација и интегритет“, додаде Гилфојл во објавата на „Икс“.

Оставката предизвика реакции кај грчките опозициски партии, кои побараа објаснувања од владата на премиерот Киријакос Мицотакис за наводното мешање на американската дипломатка во внатрешните работи на земјата и за нејзината улога во протежирањето деловни интереси, јавуваат грчките медиуми. Случајот отвори и прашања за соработката меѓу Грција и САД, особено во областа на енергетиката и одбраната.

Грчкиот вицепремиер Костис Хаџидакис денеска изјави дека отстранувањето на Гилфојл е прашање што се однесува на САД и дека нема да влијае на грчко-американските односи, јави јавниот сервис ЕРТ. Во интервју за телевизијата тој истакна дека соработката меѓу двете земји е на многу високо ниво и дека напредокот постигнат во последниТе години ќе продолжи.

Според денешната објава на весникот „Ефимерида“, оставката не била изненадување во Атина бидејќи во последните денови во политичките и новинарските кругови стигнувале сигнали за незадоволство во Вашингтон. Весникот наведува дека грчката влада се трудела да остане на дистанца од случајот, а нејзините претставници го оцениле како внатрешно прашање на САД. Грчката страна нагласува дека односите меѓу Атина и Вашингтон стојат над поединците и имаат цврсти политички, одбранбени, енергетски и дипломатски темели.

Уште пред Белата куќа да побара оставка од Гилфојл, владиниот портпарол Павлос Маринакис изјави за „Нафтемборики“ дека Грција продолжува да одржува соработка на највисоко можно ниво со својот стратешки сојузник.

Меѓу првите што побараа објаснувања од владата беше опозициската партија ПАСОК. Одговорниот за надворешна политика, Димитрис Манцос, изјави дека отстранувањето на амбасадорката по новинарските откритија отвора сериозни прашања што остануваат без одговор, јави „Си-ен-ен Грција“. Според него, објавите будат сомнежи за модел на дипломатија врзана за одредени економски и деловни интереси. Манцос побара да се разјасни дали грчкото Министерство за надворешни работи побарало објаснувања од Гилфојл за тврдењата за мешање во внатрешнополитичкиот живот на земјата.

Тој бара и детални информации за содржината, целите и придобивките од енергетските, одбранбените и другите договори склучени во рамките на шестиот стратешки дијалог меѓу Грција и САД минатата недела, во присуство на американскиот државен секретар Марко Рубио.

Критики до владата упати и левичарската партија СИРИЗА, според која властите во Атина не реагирале на објавите за наводните постапки на Гилфојл. Во ставот, цитиран од ЕРТ, партијата посочи дека морало самиот Доналд Трамп да побара отстранување на амбасадорката, а грчката влада не презела иницијатива, па дури ниту побарала јавни објаснувања.

Комунистичката партија на Грција (КККЕ) соопшти дека отстранувањето на Гилфојл ја доведува во непријатна положба владејачката Нова демократија, чии претставници ја фалеле уште пред да ја преземе функцијата, а и потоа. Партијата Ники го оцени ненадејното прекинување на мандатот како удар врз грчката надворешна политика во критичен момент. Одговорниот за надворешна политика на Грчката лева алијанса (ЕЛАС), партијата на поранешниот премиер Алексис Ципрас, Харис Џимитрас, изјави дека владата не дала убедливи одговори за наводните изјави на Гилфојл и дали имало реакција од грчка страна.

Ad
Ad