Култура
„Дамата со камелии“ на 22 октомври на сцената на Националната опера и балет
На сцената на Националната опера и балет на 22 октомври ќе биде изведена раскошната балетска претстава „Дамата со камелии“ – емотивна сценска приказна за љубовта, страста и жртвата, раскажана преку моќта на танцот и музиката на Џузепе Верди.
Инспирирана од познатата приказна за Маргарита и Арман, претставата ја пренесува на балетската сцена љубовната судбина на двајцата главни ликови. Музиката на Верди, препознатлива по својата мелодиска убавина и силен емоционален набој, ја надополнува драматургијата и ја продлабочува приказната за љубовта, личните жртви и општествените ограничувања.
Како што соопштуваат од Националната опера и балет, изведбата ќе биде под диригентската палка на Едуард Амбарцумјан од Ерменија, додека кореографијата е на Василиј Медведев, еден од истакнатите руски кореографи, кој соработува со водечките балетски театри, меѓу кои „Бољшој“ во Москва и „Марински“ во Санкт Петербург. Сценографијата и костимографијата се дело на Павол Јураш од Словачка, а концерт-мајстор е Верица Ламбевска.
Во главните улоги на Маргарита и Арман ќе настапат Марија Кичевска Шокаровска и Франциско Хименес Руиз од Шпанија, заедно со солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.
октомври 14, 2026


