Connect with us

Хроника

Во сообраќајка после Градско кај клучката за Прилеп повредени деветмина од кои двајца се со потешки повреди

Во сообраќајка што утрово се случила околу 9 часот на патот од Градско на клучката за експресниот пат кон Прилеп помеѓу две патнички возила од Скопје и Битола, повредени се деветмина, од кои двајца потешко. Потешко повредените се пренесени во болници во Скопје, а останатите судуммина, меѓу кои и три деца се хоспитализирани во Велешката болница. Ниту еден од повредените не е во животозагрозувачка состојба.

Како што информира за МИА д-р Елена Најдовска од Службта за Итна помош при ЈЗУ Здравствен дом, повикот пристигнал во 9:07 часот  и  веднаш со две екипи и две возила на Итна помош се  упатиле кон местото на несреќата. Им укажале лекарска  помош на сите деветмина повредени од двете возила, од кои кај двајца потешко повредени, биле констатирани скршеници. Сите деветмина повредени по укажаната прва помош итно биле пренесени во велешката Општа болница.

Во изјава за МИА, д-р Ана Марија Џунџева портпарол на ЈЗУ Општа болница Велес, потврди дека двајцата потешко повредени по укажаната лекарска помош биле препратени за Скопје. Жената со скршеници на лицеви коски ја транспортирале понатаму на лекување на Клиниката за максилофацијална хирургија во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје,  додека на лично барање на другиот пациент – маж од другото возило му бил обезбеден транспорт со возило на Велешката болница до приватна клиника во Скопје.

На Одделението за хирушки болести во Општа болница Велес од утрово сеуште се хоспитализирани останатите седуммина пациенти. Од нив три се малолетни деца, едно е полнолетно момче и една е жена кои патувале во едно од возилата, учесник во сообраќајната незгода. Од второто возило примени и пружена им е здравствена помош на еден маж – возач како и на три жени сопатнички.

Според неа, засега сите пациенти се задржени на болничко лекување во Општа болница во Велес, но не се во животозагрозувачка состојба и се следи нивната состојба.

Детали за сообраќајката со девет повредени се очекува да соопшти СВР Велес. Инаку, на клучката од Градско за Прилеп за новиот експресен пат досега се имаат случено неколку сообраќајни несреќи, а возачи бараат таа да се корегира и да биде со подобра прегледност на патот.