Хроника
Акциска контрола во угостителски објекти во Гостиварско, затекнати 15 странски државјанки, пронајдена дрога
Во акциска контрола спроведена ноќеска во два угостителски објекти на подрачјето на Гостивар, полицијата приведе 15 странски државјанки поради злоупотреба на туристичкиот престој, како и две лица, меѓу кои сопственик на угостителски објект и лице кај кое била пронајдена марихуана.
Како што соопшти Министерството за внатрешни работи, контролата била спроведена денеска, во периодот од 02:00 до 04:00 часот, од полициски службеници на СВР Тетово – ОВР Гостивар.
Во угостителски објект во селото Чегране бил лишен од слобода М.Х. (50) од селото Форино, откако, според полицијата, ги заклучил влезните врати откако ги забележал полициските службеници и ги предупредил присутните да избегаат. Со брза интервенција на полицијата било спречено бегството на повеќе странски државјанки преку задниот излез.
Во друг угостителски објект на подрачјето на Полициското одделение Галате бил приведен А.А. (53) од Гостивар, откако кај него била пронајдена марихуана.
При контролите, поради престојување спротивно на целта на туристичкиот престој, биле приведени вкупно 15 странски државјанки на возраст од 19 до 40 години, од кои 11 во објектот во Чегране и четири во објектот на подрачјето на Полициското одделение Галате. Станува збор за државјанки на Србија, Албанија и Колумбија.
Сите приведени се задржани во полициска станица, а по целосното документирање на случајот ќе бидат поднесени соодветни пријави.
јули 31, 2026
