Економија
МАПАС со инфонастан за правата и можностите на граѓаните во пензискиот систем

Во рамки на одбележувањето на Денот за пензиска свесност – 15 септември, Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување – МАПАС денеска во Градскиот парк организираше настан за информирање на граѓаните за нивните права во пензискиот систем.
Целта на настанот, како што соопшти МАПАС, е сите граѓани да имаат точни информации за функционирањето на пензискиот систем.
Посетителите имаа можност за директна комуникација со претставниците на МАПАС и пензиските друштва и да добијат одговори за тоа што ги интересира.
На настанот се обрати претседателот на Советот на експерти на МАПАС, Ремзи Бајрами, кој истакна дека пензијата не е тема само за постарите генерации.
-Таа е прашање за сите нас, бидејќи колку порано почнеме да размислуваме за иднината, толку повеќе можности имаме да изградиме стабилен и безбеден живот. Пензискиот систем постои за да им обезбеди на сите луѓе достоинствено живеење по завршувањето на работниот век. Но, за тој систем да остане силен и одржлив, важно е и вие – како идни генерации кои ќе работите и ќе создавате – да разберете како функционира. Така ќе знаете дека вашиот труд и вашите вложувања ќе ви се вратат, и еден ден ќе ви донесат сигурност и мир, изјави Бајрами.
Настанот беше збогатен со музика, забавни активности, креативна игра за најмладите, како и квиз на знаење на кој беа доделени над 180 награди.
Со оваа активност, МАПАС ја нагласува важноста граѓаните да бидат активни учесници во пензискиот систем, да ја следат својата пензиска состојба и навремено да планираат сигурна иднина.
септември 15, 2025