Култура
Концерт на словачкиот камерен квартет и балетската претстава „Кармен свита и Болеро“ на „Мадленијанум“ од Србија на „Охридско лето“
На програмата на Фестивалот „Охридско лето“ за вечерва се предвидени две содржини – Словачка вечер со концерт на Државниот камерен оркестар од Жилина и балетската претстава „Кармен свита и Болеро“ во изведба на Опера и театар „Мадленијанум“ од Србија.
Гудачкиот квартет на Државниот камерен оркестар Жилина го сочинуваат Роберт Копелман, прва виолина, Катерина Миронова , втора виолина, виолистот Александр Дјагилев и виолончелистката Дарја Земскаја.
Квартетот е основан во 2024 година во рамките на Државниот камерен оркестар Жилина како камерен ансамбл составен од водечки музичари на овој меѓународно реномиран камерен оркестар. Оттогаш ансамблот настапил на бројни концерти и значајни општествени настани, успешно претставувајќи висок уметнички квалитет и интересна драматургија во Словачка и во странство.
Членовите на ансамблот настапуваат не само како камерен состав туку и одделно, како солисти со оркестарот во рамките на претплатничката сезона на ШКО Жилина.
Концерт мајсторот на ШКО Жилина, Роберт Копелман (1980), потекнува од Братислава од познато музичко семејство. По студиите на Конзерваториумот во Братислава, тој продолжил на реномираната музичка академија „Сибелиус“ во Хелсинки, каде магистрира во 2009 година, а во 2019 година докторира на Високата школа за музички уметности во Братислава. Своето образование го надополнил и на работилници и мајсторски курсеви кај светски познати уметници и педагози и е лауреат и добитник на награди на национални и на меѓународни натпревари. Како солист настапува на концерти во Словачка, Финска, Чешка и Австрија.
Од 2011 година интензивно се посветува на оркестарската кариера. Бил концерт мајстор на Државната филхармонија Кошице, водач на групата втори виолини во Куми Синфониета во Финска, од 2019 година е заменик водач на групата втори виолини во Малезиската филхармонија во Куала Лумпур, а од 2022 година е концерт мајстор на ШКО Жилина, со кој редовно настапува и како солист.
Катерина Миронова (1994) студирала виолина на Конзерваториумот во Чернигов. Во втората година од студиите, паралелно со школувањето, започнала да работи во Черниговската филхармонија. По завршувањето на конзерваториумот, го продолжила образованието на Националниот универзитет за уметности „И. Котљаревски“ во Харков, а за време на студиите посетувала мајсторски курсеви кај значајни педагози.
Од 2018 година била член на Оркестарот на Националниот театар за опера и балет во Харков, а во периодот 2020–2021 работела како асистентка на Богдан Пивненко на Музичката академија „П. И. Чајковски“ во Киев. Од 2024 година е член на Државниот камерен оркестар Жилина, каде што ја извршува функцијата заменик водач на групата втори виолини, а истовремено се занимава со педагошка дејност.
Александр Дјагилев (1991) пораснал во музичко семејство со богато уметничко наследство. Со музика започнал на петгодишна возраст, свирејќи виола. Студирал на Државниот конзерваториум „Н. Римски-Корсаков“ во Санкт Петербург.
Во периодот 2009–2015 година бил заменик водач на групата виоли во Меѓународниот симфониски оркестар „Таврически“, со кој учествувал на повеќе од 900 концерти во Русија и во странство. Како солист настапувал на концерти посветени на Сергеј Дијагилев, вклучувајќи го фестивалот „Diaghilev P. S.“ во Санкт Петербург (2011) и Фестивалот на уметноста „Дијагилевски вечери“ во Велики Новгород (2011, 2013). Во 2015 година станал лауреат на меѓународниот фестивал „Божиќни средби во Санкт Петербург“. Во периодот 2014–2021 бил член на Академскиот симфониски оркестар на Санктпетербуршката филхармонија
„Д. Шостакович“, каде имал чест да соработува со значајни диригенти.
Од 2020 година работи како педагог по виола и камерна музика во музички училишта и конзерваториуми во Санкт Петербург. Од 2021 година соработува со оркестарот МusicаAeterna на Теодор Куренцис, а од 2022 година бил член на оркестарот на театарот „Михајловски“ во Санкт Петербург. Во 2023 година започнал да работи во оркестарот на Словачкиот народен театар во Братислава.
Од октомври 2024 година ја извршува функцијата водач на групата виоли во Државниот камерен оркестар Жилина.
Виолончелистката Дарија Земскаја (1992) дипломирала во 2012 година на Алтајскиот државен музички конзерваториум во западносибирскиот град Барнаул, а во 2017 година ги завршила студиите на Петербуршкиот конзерваториум. Од 2013 до 2022 година била член на Симфонискиот оркестар на театарот „Марински“ во Санкт Петербург.
Како член на оркестарот под диригентство на легендарниот Валериј Гергиев учествувала на меѓународни турнеи низ Европа, Азија и низ САД. Во периодот 2014–2020 учествувала во проектите на Руско-германската младинска академија заедно со водечки млади европски музичари.
Таа е лауреат на национални и на меѓународни натпревари, а камерната музика е нејзина страст. Покрај класичниот репертоар, се интересира и за современата музика. Од есента 2023 година е заменик водач на групата виолончела во Државниот камерен оркестар Жилина.
Балетската претстава „Кармен свита“ претставува адаптација на познатата опера на Бизе, „Кармен“, раскажувајќи ја страсната приказна за неограничената и предизвикувачка Кармен, симбол на слободата и неизбежната судбина. Потпирајќи се на виртуозната музика, кореографот Александар Илиќ гради нова кореографска динамика во која силата и емоцијата се испреплетуваат во моќен сценски израз.
„Болеро“, едно од најпрепознатливите музички дела на 20 век, во визијата на Илиќ станува хипнотички танцов спектакл. Постепеното интензивирање на ритамот и енергијата, која ја карактеризира композицијата на Равел, преточено е во кореографија со постојана напнатост, повторување и незапирлив раст на драматичноста.
Насловната улога на Кармен ја изведува Гала Јовановиќ, солистка на Виенската државна опера, улогата на Дон Хозе ја игра Александар Полупанов, улогата на Ескамиљо ја игра Тома Крижнар, улогата на Цунига ја игра Никола Бјанко и улогата на Судбината ја игра Феодора Грујиќ.
Во „Болеро“ главен солист е Огнен Вучиниќ заедно со Катарина Буќиќ, Јована Грујиќ, Владимир Чубрило, Катарина Илијашевиќ и ансамбл од играчи.
Концертот на камерниот оркестар од Словачка ќе се одржи во црквата „Света Софија“ од 20 часот, додека за балетот е резервирана сцената на Големата сала на Центарот за култура „Григор Прличев“ во терминот од 21:30.
јули 22, 2026

