Connect with us

Вести

Загубените „Дела Павлови“: Три извори на местото на кое Римјаните му ја отсекле главата на апостол Павле

Дарко ЈАНЕВСКИ

Денес е Павловден и можеби вреди да ги споменеме загубените апокрифни „Дела Павлови“, напишани веројатно околу 160 година и веројатно базирани на преданија на римските христијани, кои детално опишуваат што се случувало со Павле.

Нерон го осудил на смрт со отсекување на главата, најверојатно по големиот пожар што го зафатил Рим во 64 година, а пред 68 година, која е последна година од владеењето на Нерон.

Преданието вели дека погубувањето на светецот се одиграло на Лаурентинскиот пат и дека по отсекувањето на неговата глава, таа трипати отскокнала и удрила на земјата и секојпат кога ќе го допрела тлото, од него почнувала да извира вода. Така, на тоа место се создале три извори.

На тоа место денес се наоѓа црквата „Свети Павле“. Првпат е подигната во петтиот век, а денешната во 1599 година по налог на кардиналот Петро Алдобрандин. Изворите, односно фонтаните, во 20 век се запечатени поради загаденост на водата.

Базиликата „Свети Павле“ надвор од ѕидините

За еден столб од овој храм се верува дека е тој на кој Павле бил заврзан пред погубувањето, но тоа е веројатно само невистинита приказна, која е создадена подоцна.

Според преданието, св. Павле е погребан три километри подалеку од местото на погубувањето, каде што денес се наоѓа базилката „Свети Павле“, една од четирите папски базилики во Рим. Под нејзиниот олтар се наоѓа гробот на апостолот, во гробница која ѝ припаѓала на христијанката по име Луцина.

На тоа место Константин Четврти ја подигнал базиликата, истовремено со базиликата на Ватиканското Брдо, над гробот на св. Петар. Кон крајот на истиот век Теодосиј Велики ја проширил и таа станала позната како базилика на светиот Павле надвор од ѕидините.

Истовремено, моштите на апостолот се префрлени во саркофаг, кој се наоѓал под олтарот на базиликата и во хаост во наредните векови било заборавено каде точно се наоѓа. Првиот знак дека повторно е откриен доаѓа во 19 век, а пред петнаесетина години археолозите и другите научници потврдиле дека таму навистина, односно најверојатно, се наоѓаат остатоците од светецот.

Гробницата на апостол Павле

Инаку, од 27 книги во Новиот завет, 14 се напишани од св. Павле. Шест (според некои – седум) од нив се спорни, односно голем број научници сметаат дека се напишани подоцна од други лица. Тој никогаш не го сретнал Исус. Неговото име било Савле и бил прогонител на христијаните сѐ додека на пат меѓу Ерусалим и Дамаск не му се јавил Исус и го прашал зашто го прогонува. Савле три дена ослепел, а потоа целиот свој живот како Павле го посветил на ширење на христијанството. Првата црква во Европа ја основал во Филипи во близина на Кавала, во домот на Лидија, откога во сон му се јавува Македонец и му вели да дојде во Македонија. Се смета дека е можно во сонот да му се јавил евангелистот Лука, кој по потекло е од Македонија.

Новиот завет не зборува ништо за неговото страдање, но тоа се наоѓа кај другите ранохристијански списи. Веќе во 110 година светиот Игнатиј Богоносец го споменува Павловото мачеништво, а нешто подоцна на тоа се осврнува и Дионисиј Коринтски.

Во време на Константин Велики моштите на св. Павле се префрлени во саркофаг, кој е закопан под олтарот на базиликата „Свети Павле“ надвор до ѕидините, изѕидана од Константин Велики, па во општиот хаос во наредните векови, заборавено е каде точно се наоѓа. Првата назнака дека е откриен е во 19 век, а пред десетина години археолози потврдиле дека под олтарот навистина се наоѓа саркофаг од бел мермер. Некои извори тврдат дека натписот на саркофагот гласи PAULO APOSTOLO MART, односно „На Павле, апостолот и маченик“

Ad
Ad