Вести
Павловден: Петнаесетте дена во кои Павле од Петар и од Јаков ја дознава вистината за воскресението на Исус
Иако кај христијаните е вкоренето мислењето дека сржта врз која е изградена нивната вера – воскреснувањето на Исус – се наоѓа во четирите Евангелија, по Матеј, Марко, Лука и по Јован, вистината е запишана неколку години пред настанувањето на евангелијата од страна на апостол Павле.
Имено, сите четири евангелија ја имаат горе-долу истата приказна – Исус е погребан, во недела доаѓаат жените и ја наоѓаат гробницата празна, потоа, во зависност од тоа кое евангелие го читате, еден маж, двајца мажи или ангел им кажуваат дека Исус не е тука и дека воскреснал, а потоа Исус им се јавува на апостолите.
Но сите тие може да бидат и обични раскази. Вистинската приказна врз која е изградено христијанството ја изнесува Павле во Првото послание до Коринќаните, глава 15.
Тука Павле опишува дека Исус бил погребан (што значи дека телото не било оставено на крстот, фрлено на животни од Римјаните или закопано во некоја заедничка гробница, бидејќи терминот „погребан“ означува положување во согласност со тогашните обичаи во посебна гробница) и дека „на третиот ден воскресна, согласно Писмата“.
Потоа, вели Павле, Исус му се јави на Петар (го употребува неговото арамејско име Кифа), а потоа и на единаесетте апостоли.
За да се отстрани евентуалниот сомнеж (апостолите може да тврдат дека Исус им се појави за да го оправдаат своето дејствување, а тоа да не е така), Павле пишува дека „еднаш им се јави на повеќе од петстотини браќа, од кои повеќето се живи и денес, а некои починаа“.
Со оглед на тоа дека се смета дека Посланието е напишано околу 54 година од нашата ера (десетина година пред да се појави првото Евангелие по Марко, меѓу 60 и 70 година, 20 години пред Матеј и Лука и најмалку 30 години пред Евангелието по Јован), ова е прв изречен доказ за воскреснувањето на Исус, во кој се споменуваат обичните луѓе. Павле фактички порачува дека многу од луѓето пред кои се појавил Исус (500-ини) се сѐ уште живи, па секој скептик може да провери така што самиот би поразговарал со некој од нив.
Фактот што Павле вели „еднаш се појави пред 500-ини луѓе“ упатува на тоа дека имало и други појавувања пред масовен број луѓе, но ова е случај во кој тој се уверил дека е вистинит. Неговата порака до скептиците во таа 54 година, всушност, е: Еве ви ги луѓето, многу од нив се живи, иако некои починаа (писмото е пишувано 24 години по воскресението – ако прифатите дека од трите термини на настанот – 27, 30 и 33 година – најверојатен е вториот) и прашајте ги! Јас прашав!
Потоа Павле продолжува дека Исус му се појавил и на Јаков, неговиот брат, кој се смета дека до тој момент бил прилично голем скептик за тоа кој е Исус, па оттука не случајно Павле токму него го споменува. Па им се јавил на сите апостоли (од поширокиот круг, а не само на 12-те), за на крајот самиот Павле да напише:
„А по сите, најпосле ми се јави и мене како на некое недоносче зашто јас сум најмалиот од апостолите и не сум достоен да се наречам апостол бидејќи ја гонев Божјата црква“.
Како Павле ги дознал овие факти? Се смета дека Исус нему му се појавил во 32 година на неговиот пат кон Дамаск (меѓу една и три години по смртта на Исус; ако Исус е распнат во 30 година, тогаш се зема 32 година, ако е распнат во 33 година, тогаш појавувањето на Павле би било во 35 година итн.). Тогаш Павле три дена ослепува, не јаде и не пие, по што му се враќа видот и тој престанува да биде прогонител на христијаните. Но таа сцена не е доволна. Оттука, во 35 година (или 38) заминува во Ерусалим и има средба со Петар и Јаков, всушност се затвораат во куќата во која престојуваат и средбата и разговорите траат 15 дена. Така Павле од прва рака ги дознава сите податоци што им биле достапни и познати на Петар и на Јаков. Јасно ви е дека првото прашање, упатено од Павле кон Петар и Јаков, кога влегол во куќата во Ерусалим во која го пречекале, било: Што навистина се случи?
А овие сведоштва Павле ги прибира само пет години по погубувањето на Исус, неговиот погреб и тврдењата дека воскреснал. Сосема кратко време за да може да се смета дека нешто клучно се променило во меморијата на оние што биле сведоци на настаните. По 15 дена разговори, Павле го напушта Ерусалим, но се враќа во 48 година за да провери, уште еднаш, дали неговите проповедања се во ред. Тогаш, по повторните средби со апостолите, од прва рака уште еднаш се уверува во настаните што се случиле 18 години пред тоа и заклучува дека сеедно кој проповеда, тој, Тома или кој било, учењето е исто зашто се заснова на исти податоци за настаните.
Тие сведоштва, кои Павле ги собрал, се опишани токму во овие неколку стиха од Посланието до Коринќаните напишано во 54 година:
15. За воскресението на мртвите.
1. Браќа, ви напомнувам за Евангелието, Кое ви го проповедав, а Кое вие го примивте и во Кое стоите,
2. Преку Него и се спасувате, ако Го држите како што ви проповедав, освен ако не сте поверувале напразно,
3. Ви го предадов најнапред она што го бев и примил, дека Христос умре за нашите гревови, според Писмата,
4. Дека Он беше погребан и дека на третиот ден воскресна, според Писмата,
5. И дека му се јави на Кифа и потоа на +единаесетте,
6. После им се јави еднаш на повеќе од петстотини браќа, од кои повеќето се живи и до денес, а некои починаа,
7. Потоа му се јави на Јакова и на сите апостоли,
8. а по сите, најпосле ми се јави и мене, како на некое недоносче,
9. зашто јас сум најмалиот од апостолите и не сум достоен да се наречам апостол бидејќи ја гонев божјата црква.
Патем, ова е едно од седумте посланија за кое нема сомнеж дека е автентично, односно дека е напишано од Павле. Имено, во Библијата има 13 негови писма, но за шест од нив кај научниците постои сомнеж за тоа дали се напишани од него, а некои дури и се изречни дека ги напишал некој друг.
Првото послание до Коринќаните спаѓа во автентичните седум. Освен глава 14, за која се смета дека е дополнително вметната од некој што не е апостол Павле бидејќи, едноставно, виси во однос на другите делови од Посланието, се однесува како натрапник, а пред сѐ поради следните стихови (1. Корниќани 14, 34-35):
„Жените ваши по црквите да молчат: ним не им е позволено да зборуваат, туку да се покоруваат, како што вели и Законот.
Ако, пак, сакаат да научат нешто, нека ги прашаат мажите свои дома; зашто срамно е жена в црква да зборува“.
Овие стихови буквално личат на Посланието до Тимотеј, каде што авторот изнесува слични спорни ставови за позицијата и за улогата на жените (кои во тоа време се сметале за помалку вредни суштества од мажите, но не и од самиот Павле), а за кое апсолутно се смета дека не е напишано од Павле. Како тогаш се нашле во Библијата? Тоа е веќе друго прашање.
Дарко ЈАНЕВСКИ
јули 14, 2026


