Култура
Комеморација за режисерот Кирил Петрески: Петрески е дел од историјата на Прилепскиот театар
Колективот на Прилепскиот народен театар „Војдан Чернодрински“ и на Центарот за култура „Марко Цепенков“ денеска со комеморација во големата сала од Домот на културата се прости од режисерот и драматург Кирил М. Петрески кој ненадејно почина во саботата, на 29 август, на 55-годишна возраст.
Во името на колегите на Петрески, директорката на Центарот за културта „Марко Цепенков“, Марија Попова Јованоска рече дека Кирил Петрески е дел од историјата на Прилепскиот театар.
-Како режисер и драматург, тој му припаѓаше на светот на сценската уметност – на еден свет во кој идејата, зборот, актерот и сцената се спојуваат за да создадат нешто што продолжува да живее и по завршувањето на претставата. Режисерот остава свој печат во секоја претстава, а драматургот остава дел од својата мисла во секој напишан збор. Тоа се траги кои не исчезнуваат со човекот. Тие продолжуваат да живеат преку делата, преку сеќавањата на колегите и преку публиката. Токму затоа, денес, покрај тагата од неговото заминување, треба да ја почувствуваме и благодарноста што бил дел од нашиот Театар и што со својата работа придонел кон неговиот живот и развој, рече Попова Јованоска.
Во телеграмата со сочувство што ја испрати професорот и режисер Слободан Унковски во чија класа Петрески дипломираше режија, се нагласува дека репертоарот на Прилепскиот и на други театри ќе биде осиромашен без неговиот специфичен поглед на работите, особен избор на наслови и теми, и недофатлив начин на мислење.
-Кире имаше еден посебен свет што ни го покажуваше низ зададените материјали за семестрален или годишен испит, со ставови и идеи, придружени со лаконски објаснувања, со само неколку реченици, и со една загатлива полунасмевка што зборуваше, тоа е тоа, тоа е сѐ што може да се смести во зборови, другото ниту е добро, а не е ни возможно да се артикулира, вели, меѓу другото во телеграмата со сочувство профсорот Унковски.
Од Петрески се простија неговите колеги од театарот, пријатели, а телеграми со сочувство испратија, меѓу другите и колективот на Драмски театар, режисерите Наташа Поплавска, Зоја Бузалковска, Синиша Евтимов.
Кирил Петрески беше член на колективот на ЦК „Марко Цепенков“ – Театар „Војдан Чернодрински“, каде од 2013 година работеше како драматург и режисер. Со својата долгогодишна и посветена работа, Петрески остави значајна трага во театарскиот живот и во развојот на Прилепскиот театар, но и свој препознатлив печат во македонскиот театар.
Петрески дипломирал на Катедрата за театарска режија при Факултетот за драмски уметности во Скопје, во класата на проф. Слободан Унковски, со претставата „Фарса за храбриот Науме“ од Русомир Богдановски.
Во својата кариера режирал 16-тина претстави во Прилепскиот, две во Кумановскиот и една претстава во Охридскиот театар.
Посмртните останки на режисерот Кирил Петрески беа погребаи денеска на новите градски гробишта во Прилеп
септември 1, 2026
