Connect with us

Култура

Недела на македонската култура во Албанија

Од 3 до 6 септември 2026 година, во Тирана, Драч и Корча, ќе се одржи „Македонската културна недела во Албанија“, во организација на Културно информативниот центар на Република Северна Македонија во Тирана и Амбасадата на Македонија во Албанија.  

Оваа година програмата е особено богата и обемна и ќе обедини голем број уметници и учесници од Македонија. Во рамките на Културната недела ќе бидат реализирани концерти, изложби, фолклорни настапи, поетски и драмски изведби, ДЈ настапи, промоција на вино и пиво, преку кои ќе бидат претставени македонската култура, уметност и традиција.

Од особено значење за промоцијата и видливоста на нашата земја е тоа што за време на Културната недела на главниот булевар во Тирана ќе бидат поставени македонски знамиња. На свеченото отворање на Културната недела, кое ќе се одржи на 3 септември во Ортодоксната црква во Тирана, ќе се одбележи и 8 Септември – Денот на независноста на Македонија, со што се одбележуваат 35 години од независноста.

На програмата се застапени концерти оркестарот Ајга и ансамблот Кон Темпора под диригентство на маестро Иван Еминовиќ, настап на фолклорното друштво „ЕуроАрт Академија“, концерт со поезија на квартет „Мевлем“, ДЈ сет на DJ Pass-N-G-R и DJ Spiro, промоција на македонски вина и ракија од винариите Бовин и Тиквеш, промоција на македонско пиво, монодрама „Меѓникот“ во изведба на Доне Донев, изложба на фотографии од Преспа на Пали Колефски, настап на фолклорно друштво од Мала Преспа и музчка настап на Кристијан Ѓорѓи. 

Културната недела се реализира со поддршка на Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија, Министерството за култура, туризам и спорт на Албанија, а ко организатор на настанот во Корча е Здружението ВМРО – ДПМНЕ – Албанија

Дополнителната финансиска поддршка од албанското министерство за култура е обезбедена за македонските уметници, како резултат на личниот ангажман на директорката на КИЦ Тирана, Ема Попивода, и нејзината континуирана соработка со албанските културни институции.

Поддршка на манифестацијата дадоа и винариите „Тиквеш“ и „Бовин“, чии вина ќе бидат претставени на свеченото отворање.

Во духот на мисијата на Македонскиот културен центар во Тирана, кој има за цел не само да ја промовира македонската култура, туку и да ги поврзува уметниците и да создава можности за нови соработки, оваа Културна недела уште еднаш ќе покаже дека културата е најсилниот мост меѓу народите. Убедени сме дека настаните ќе привлечат многубројна публика и дека, во срцето на Албанија, македонската култура ќе заблеска во сета своја убавина, сила и раскош!