Забава
Римски свиток целосно изгорен по историската ерупција на Везув, дешифриран со ВИ
Свиток што изгорел и се јагленисал кога италијанскиот вулкан Везув еруптирал пред речиси 2.000 години, е делумно дешифриран и прочитан со помош на вештачка интелигенција.
Проектот „Предизвик Везув“ има за цел да дешифрира текстови од пронајдените изгорени свитоци – без потреба тие физички да се одмотуваат. Зачувани под кал и пепел во вила за којашто се верува дека некогаш му припаѓала на роднина на Јулиј Цезар, свитоците од папирус биле откриени од италијански земјоделец во 18 век. Колекцијата е единствената позната голема збирка што преживеала од класичната антика. Изгорени до степен на јагленисување, свитоците се исклучително оштетливи. Со годините, научниците од областа на папирологијата се обидувале да ги одмотат користејќи различни методи, вклучувајќи хемикалии, гасови и сечкање, па тоа најчесто завршувало со оштетување или доуништување на свитокот.
Наодот наречен „ПХерц. 1667“ (PHerc. 1667) е еден од стотиците вредни остатоци од староримскиот град Херкуланеум, кој бил закопан од вулкански наслаги кога Везув се активирал во 79 година н.е.
„Предизвикот Везув“ го започна Брент Силс, професор по компјутерски науки на американскиот Универзитет на Кентаки, заедно со претприемачите Нат Фридман и Даниел Грос во 2023 година, за да ги охрабри истражувачите ширум светот да се обидат да ги прочитаат свитоците со „виртуелно одмотување“ и декодирање.
Така, првиот збор откриен од тимот уште во 2023. бил „πορφυρας / порфирас“ – грчкиот збор за „виолетова“.
– Речиси два милениума, многу од овие текстови беа физички зачувани, но интелектуално недостапни. Денес – по години интердисциплинарна работа што комбинира напредно снимање, ВИ, академско истражување и иновативен натпревар, конечно можеме да ги прочитаме, рече Силс.
Виртуелното одмотување почнува со КТ-скенирање на секој свиткан папирус. Со следење на закривените слоеви на сликата, истражувачите потоа виртуелно ги исправаат свитоците и ги проучуваат користејќи напредна вештачка интелигенција, опремена да препознава мастило на страницата.
Со новата технологија, напредокот последниве години, е очигледен – според учесниците на Конференцијата во Неапол, Италија, одржана минатата седмица. Имено, сега првпат научниците успеале целосно „да одмотаат“ свиток, откривајќи пишана површина од речиси 1,5 метри, распоредена во 20 колони.
Федерика Николарди, доцент на Универзитетот „Федерико II“ во Неапол, предводеше тим папириолози кои развија модели за машинско учење и го толкуваа текстот од свитоците.
– Ракописот на свитокот и внатрешните референци укажуваат дека артефактот датира од II век п.н.е. или можеби од крајот на III век п.н.е. – што го прави еден од најстарите свитоци во колекцијата, изјави Николарди.
Напишаното е, се чини, филозофски трактат за етиката, уметноста и човековото однесување, веројатно во насока на стоичката филозофија, според истражувачите. Вклучува дискусија за стоичкиот концепт „horma“ или „нагон“, при што непознатиот автор, се чини, предупредува дека неуспехот да се регулира однесувањето може да доведе до штетна страст или отстапување од целите… Практичната мудрост, или фронеза (phronesis), е уште еден клучен концепт којшто се смета за највисока доблест во стоичката филозофија.
– Проектот сега се наоѓа во пресвртница. Ова повеќе не е само прашање на снимање или машинско учење. Сега ни требаат експерти кои можат да читаат, уредуваат и разбираат што велат овие текстови, нагласи Силс.
Новопреведениот напис ја вклучува реченицата: „Ќе истражиме нешто, но нема да го разбереме, ако некако отстапиме од себе и од сопствената природа.“
Истражувачите беа во можност да ги прочитаат зборовите: „Филодем, За боговите, Книга 8“. Ова потврдува дека „За боговите“ е низа од најмалку осум книги од старогрчкиот филозоф Филодем. Претходно, науката знаеше само за една книга.
јуни 30, 2026

