Општини
Обединет глас против фемицидот – амбасадорите на ЕУ на кошаркарскиот натпревар Македонија – Кипар
Евроамбасадорот Михалис Рокас и претставници на амбасадите на земјите членки на ЕУ упатија заедничка порака против фемицидот и насилството врз жените за време на претквалификацискиот натпревар за ФИБА Евробаскет 2029 меѓу Македонија и Кипар, што се одржа вчеравечер.
– Како моќен израз на солидарност, амбасадорите застанаа како #ТимЕвропа (#TeamEurope) до пораките „Стоп за фемицидот“ (Stop femicide) и „Носи ја промената“ (Wear the change). Пред почетокот на натпреварот се оддаде почит со минута молчење во спомен на жените што ги загубија животите како последица на родово базираното насилство – соопшти Делегацијата на ЕУ во Скопје.
Натпреварот од претквалификациите за ФИБА Евробаскет 2029 овозможи платформа за заокружување на кампањата „Носи ја промената“ (Wear the Change), финансирана од ЕУ, преку која се промовира родовата еднаквост во духот на #ТимЕвропа, со цел да се преиспитаат ставовите и да се поттикне колективното дејствување.
– Вечерва, заедно со амбасадорите на земјите членки на ЕУ и со навивачите присутни на натпреварот меѓу Македонија и Кипар во претквалификациите за Евробаскетот стоиме обединети против насилството врз жените. Неодамнешните фемициди и случаи на насилство врз жените ја потресоа земјата. Молкот не смее да продолжи – изјавил Рокас, стои во соопштението на Делегацијата на ЕУ.
Тој додал дека се неопходни поригорозни закони, ефективна промена во пракса и промена на менталитетот.
Во текот на целата година заеднички се трудевме да ја унапредиме родовата еднаквост преку кампањата „Носи ја промената“ (Wear the change). Денешното присуство на кошаркарскиот натпревар на машката репрезентација не е случајност. За да се стави крај на насилството врз жените, неопходно е и мажите да дејствуваат. Татковците, синовите, браќата, навивачите. Потребни ни се поригорозни закони, ефективна примена во пракса и промена на менталитетот. Ниедно девојче и ниедна жена не треба да живеат во страв. Сите играме улога во тоа. Сите треба да ја носиме промената – посочил Рокас.
Испраќајќи ја оваа порака како составен дел од еден голем спортски настан, Делегацијата на Европската Унија и амбасадите на земјите членки на ЕУ истакнале дека борбата против фемицидот и насилството врз жените е заедничка одговорност, која се протега пошироко од институциите и организациите. Од Делегацијата додаваат дека е неопходен е ангажман на целото општество, вклучувајќи ги и мажите, младите, спортските заедници и навивачите.
ноември 27, 2026


