Connect with us

Останати спортови

Тројца Македонци настапија на Младинските олимписки игри Дакар 2026

На младинските олимписки игри кои се одржаа во Сенегал со учество на 2.655 спортисти на возраст од 14 до 18 години од 204 национални олимписки комитети настапија тројца Македонци.

Од македонските натпреварувачи највисок пласман оствари Ева Митевска во атлетската дисциплина 100 метри, освојувајќи го осмото место во финалната трка со време 12,28 секунди, подобрувајќи го својот најдобар резултат. 

Во пливање, Петар Цеков настапи во дисциплината 400 метри слободно, со време од 4:10,60 минути, освојувајќи 4. место во својата група и 21. место во генералниот пласман. Неговата главна дисциплина, 800 метри слободно, која претставуваше негов најсилен адут, беше откажана поради високата температура на водата во базенот. Одлуката беше донесена од организаторите во интерес на безбедноста и здравјето на натпреварувачите.

Марио Брезовски е првиот македонски триатлонец кој се квалификувал на едни Младински олимписки игри. Тој настапи во спринт триатлон (750 метри пливање, 20 километри велосипедизам и 5 километри трчање) и го заврши натпреварувањето на 24. место со време од 59:06 минути. 

– Младите спортисти навистина ме воодушевија со својата посветеност, дисциплина, одговорност и односот кон обврските во текот на целиот престој. За мене, како шеф на делегацијата, беше особено задоволство да ги следам не само нивните тренинзи и настапи, туку и начинот на кој се претставуваа надвор од спортските терени. Ова беше многу повеќе од натпреварување, беше можност да растат како спортисти и личности. Настапите во Дакар треба да се вреднуваат не само низ призмата на конечните пласмани, туку и преку постигнатите лични резултати, конкурентноста, спортскиот напредок и искуството стекнато во меѓународна конкуренција. Финалето и најдобриот резултат на Ева, настапот на Петар во изменети околности и историското учество на Марио се три различни, но подеднакво важни приказни за младинскиот спорт во Македонија, истакна Елена Зисовска Апостолска, шефица на македонската делегација.

Натпреварувањата се одржаа во 25 спортови.

Ad
Ad