Connect with us

Свет

Рубио следната седмица во посета на Атина за шестиот стратешки дијалог Грција – САД

Одбранбената соработка и регионалната и енергетската безбедност, се очекува да бидат во фокусот на шестиот стратешки дијалог меѓу САД и Грција, што следната седмица ќе се одржи во Атина, во присуство на американскиот државен секретар Марко Рубио, кој од 5 до 8 октомври ќе биде во посета на Исланд, Грција и Португалија, јави дописничката на МИА од Атина.

Од Стејт департментот соопштија дека во Рејкјавик, на средбата со исландски власти Рубио ќе разговара за економската и безбедносната соработка, а во Лисабон, каде што ќе пристигне од Атина на агендата ќе бидат унапредување на одбранбената, економската и технолошката соработка.

– Во Грција, секретарот Рубио ќе ја предводи делегацијата на Соединетите Американски Држави за шестиот стратешки дијалог меѓу САД и Грција, продлабочувајќи го нашето партнерство во клучните приоритети на администрацијата, вклучувајќи ја одбранбената соработка и регионалната и енергетската безбедност, соопштија од Стејт департментот.

Неофицијално, во грчката метропола, Рубио се очекува да биде во вторник и среда, односно на 6 и 7 октомври, а на стратешкиот дијалог домаќин ќе биде шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис.

Според грчките медиуми на средбата се очекува да биде опфатен широк спектар на теми од заемен интерес, со акцентот на енергетската и одбранбената соработка.

Портпарол на грчката Влада Павлос Маринакис, во понеделникот, одговарајќи на новинарско прашање за написот во „Вол Стрит Џурнал“, според кој американската амбасадорка во Грција Кимберли Гилфојл за време на вечера со официјални лица во март годинава, кога бил споменат падот на владата во Романија, на грчкиот министер за енергетика Ставрос Папаставру, му рекла „Можеме да го направиме ова во која било земја сакаме. Можеме да го направиме и овде.“, рече дека „никогаш не се покрена прашање за закана кон грчката Влада, ниту пак такво нешто некогаш би било прифатено“, а се осврна и на односите на Грција со САД.

Рече дека односите меѓу двете земји се „постабилни и поблиски од било кога досега“, при што нагласи дека е „стратешки однос што се темели на заемна почит и заеднички вредности“

-Во однос на енергетиката, Грција е стратешки партнер на Соединетите Американски Држави и постојат многу примери кои го докажуваат ова. Ексонмобил и Шеврон инвестираат заедно со грчки компании во истражување на енергетските ресурси на земјата, а за неколку месеци планирано е првото дупчење во Јонското море, по речиси 50 години. Паралелно Вертикалниот коридор, придонесува за диверзификација на изворите и снабдувањето, што ја зајакнува енергетската безбедност на Грција и го надградува снабдувањето и на други, трети земји. Грчката Влада работи на енергетска и геополитичка надградба на земјата и во служба на националниот интерес и не се вмешува во комерцијални и бизнис ривалства, посочи Маринакис на брифингот со новинарите во понеделникот.

Стратешкиот дијалог меѓу Грција и САД започна во 2018 година, последниот се одржа во февруари 2024 година во Вашингтон, а една година претходно, Атина беше домаќин на четвртиот круг од стратешки дијалог меѓу двете земји.