Култура
Џез викенд во Прилеп: Џез музиката го има своето место на македонската сцена
Со настапот на „Џез за Чудаци“ вечер во Прилеп продолжува програмата на 15., јубилеен „Прилеп џез викенд“. Утревечер публиката ќе ги слушне и ќе ги види „Пијан славеј“ и „PEACH VICE“.
Џез викендот започна синоќа со настапот на Глигор Кондовски, Дориан Јовановиќ и на групата „Сетстат“ во киното „Мис Стон“ , каде ќе се одржува до сабота, 3 октомври.
Веќе 15 години Прилеп пулсира со џез музиката и на Фестивалот се претставиле бројни музичари од земјава и Балканот.
-И покрај предизвиците со кои сме се соочиле низ годините, мотив ни дава тоа што, пред сѐ, Фестивалот е препознат од публиката од уметниците и, едноставно, Прилеп го става на културната мапа во Македонија и во регионот. Изминатите деценија и половина имаме многу спомени, бројни настапи на уметниците од Македонија и од Балканот кои оставиле длабока трага во културното живеење и во развојот на џез музиката. За џезот одамна е надминато тоа дека е изолирана музика, има своја публика која се креира со текот на одржувањето на Фестивалот, расте заедно со него и го препознава како свој, рече Снежана Ристеска, организатор на Фестивалот.
Џезот одамна го надмина тоа дека е изолирана музика. Има своја публика која со музичарите ужива во оригиналниот израз, музичкото истражување и пренесувањето на чувствата. На македонската џез сцена препознати се два сегменти, но свое уникатно место зазема андерграунд сцената, меѓу најдобрите на Балканот.
-Мислам дека кај на постојат два сегмента во македонскиот џез- алтернативен и тој мејнстрим. Мејстримот, нормално, во моментов е поприсутен на големите сцени во Македонија. Би го спомнал Националниот џез оркестар, проектите на Тони Китаноски и на Сашо Поповски. За мене позначајниот дел е таа андерграунд сцена, неверојатно е јака, вибрантна е многу, и е една од најдобрите, ако не и најдобра џез-сцена на Балканот, изјави Владан Дробицки од џез група „Сетстат“.
Музичарот Доријан Јовановиќ вели дека Македонија е меѓу првите во регионот, меѓудругото и што го има и Националниот џез оркестар.
-Џезот во Македонија е на подобро место отколку што беше порано. Денес може да кажеме дека имаме жива џез-сцена и е доста разновидна. Имаме Национален џез оркестар, што е раритет и на Балканот, вели Јовановиќ.
Фестивалот финансиски е поддржан од општина Прилеп.
октомври 3, 2026
