Свет
Финска: Една од најстарите новински агенции во светот се соочува со неизвесна иднина
Финската новинска агенција СТТ, една од најстарите во светот, денеска најави големо преструктурирање поради долготрајните финансиски загуби, што на крајот би можело да доведе и до нејзино укинување, пренесува финската телевизија Јле.
Во соопштението на агенцијата се наведува дека веќе се започнати преговорите со претставниците на вработените. Разговорите опфаќаат 95 лица, што го претставува речиси целокупниот нејзин работен кадар, пишува Јле — националната телевизија која и самата поседува 1,7 отсто од сопственичкиот удел во СТТ.
СТТ е основана во 1887 година, а нејзин мнозински сопственик, со удел од 75,4 отсто, е приватната медиумска групација „Санома медиа Финланд“ (Sanoma Media Finland), се наведува на нејзината официјална веб-страница.
Финската влада во 2018 година финансиски ја помогна СТТ со 1,5 милион евра, по постепеното губење на нејзините клиенти. Сепак, „Санома медиа Финланд“ минатата година објави дека значително ќе го намали преземањето вести и фотографии од агенцијата, што дополнително ги засили сомнежите за нејзината иднина.
И покрај заканата земјата да остане без својата национална новинска агенција, оваа нордиска држава и натаму е меѓу водечките во светот според меѓународните проценки за медиумското опкружување. Според Центарот за медиумски плурализам и медиумска слобода (CMPF), Финска има „стабилно и силно медиумско опкружување“, а годишниот индекс на оваа организација ја рангира на петтото место според медиумските слободи, на второто место според отпорноста на корупција и на првото место според довербата на граѓаните во медиумите.
„Финска може да се пофали со инклузивен и сигурен медиумски екосистем и има силни заштитни механизми за зачувување на слободата на изразување и политичката независност на медиумите“, се наведува во проценката на ЦМПФ.
октомври 2, 2026
