Connect with us

Вести

Учете и другарувајте, искористете ги можностите што ги дава студентскиот живот – пораки до бруцошите на првиот академски час на УКИМ

Најдоброрангираните бруцоши на уписите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје, на секој од неговите 23 факултети, ги добија индексите денеска, на првиот академски час, симболично  во име на целата генерација нови студенти кои во 2026/2027 го почнуваат високото образование. 

На свеченост на платото на УКИМ честитки што стануваат академски граѓани и добредојде им посакаа ректорката на УКИМ, Биљана Ангелова, претседателката на Универзитетското студентско собрание (УСС на УКИМ) Ангела Василевска, министерката за образование и наука Весна Јаневска и претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова.

Им порачаа да ги искористат можностите што им ги нудат студиите – да учат вредно и посветено, но и да другаруваат, нагласувајќи дека токму во студентските денови се стекнуваат долгорочни професионални перспективи, но и доживотни пријателства. 

Претседателката Сиљановска-Давкова восхитена од, како што рече, толку многу убавина и младешка енергија во бруталистичката архитектура на факултетите на кампусот на УКИМ, им кажа на бруцошите дека токму денес им почнуваат најубавите денови во животот. 

Им порача да не меморираат само податоци и да се амбицираат за енциклопедиско знаење, туку, пред сè, да вежбаат и да веруваат во силата на критичкиот ум и да бидат бунтовни во бранењето на своите права.

Сè што научила рече, е од Правниот факултет на УКИМ, првин како студент, а потоа и со професорската кариера и сè уште верува дека „политиката може да се заузда со правото и дека на овој чуден свет му треба идеализам: право, правда и етика“.  Уверена дека потенцијалот на земјава е токму во младите, таа нагласи дека Универзитетот „не само што е пристојно место за младешки живот, туку е и пристојно место за натпревар“. 

​- Јас верувам дека времето на профитот заминува, доаѓа време кога ќе зборуваме за софократија, за умот. Верувам дека не само затоа што е најстар, не само затоа што бил најдобар, туку затоа што навистина има со што да се пофали и кон што да цели, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ треба да биде предводник во промените … Кога реков дека треба да сте критични, убедувајте ги професорите и потсетувајте ги дека се овде не само заради своите кариери, туку дека имаат и педагошки причини. Треба секој ден да ве убедуваат дека се тука заради вас, а не заради себе. Бунтувајте се, барајте ги правата, направете систем во којшто нашиот и нивниот избор и реизбор ќе зависи од вас, а не само од нивното и од моето знаење, истакна претседателката.

Во контекст на технолошкиот напредок таа во обраќањето порача и да не дозволиме вештачката интелигенција да го наруши природниот ум затоа што, рече, „за да користите вештачка интелигенција мора да имате природна интелигенција“.  

Министерката за образование и наука Весна Јаневска порача дека ​Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ е вистинското место за учење, поставување прашања и истражување.

– Бидете љубопитни студенти и храбри во потрага по нови знаења. Освен предавањата, колоквиумите и испитите, ќе имате можност да се вклучите и во истражувања, научни проекти, академски размени, летни школи и различни обуки. Искористете ги максимално, верувам дека ќе ви отворат нови хоризонти, рече Јаневска нагласувајќи дека треба да бидат свесни дека се потенцијалот што го има државата, чија иднина тие ќе ја креираат како идни  професионалци, иноватори и лидери.

Како што рече, моќта е во нивната младост, енергијата и ентузијазмот и оти таа ќе расте дополнително преку знаењата што ќе ги стекнуваат.  

​Токму затоа, рече Јаневска, високото образование е еден од најважните приоритети и МОН посветено работи за да создаде подобри услови за студирање, модернизација на студиските програми заедно со Универзитетот, поголема поддршка за науката и истражувањето и на јакнење на врските меѓу високото образование и потребите на пазарот за труд.  

​- Одлучни сме да го усогласиме нашето високо образование со европските стандарди и потребите на новото време. Ова се и барања на студентите. Министерството има добра соработка со студентските асоцијации, секогаш сме отворени да ги ислушаме размислувањата и барањата и сè што може да се направи, ќе направиме. Лично прифатив десетина барања досега и тие се исполнети, додаде Јаневска.

​Министерката им посака успешна работа и на професорите на кои, рече, им припаѓа задачата „од овие паметни млади луѓе да создадат граѓани кои можат и умеат професионално да се докажат и воедно да имаат  етика и интегритет“.

Новите студенти ги охрабри и претседателката на УСС на УКИМ, Ангела Василевска. Рече и таа пред три години била како нив збунета и со многу прашања за иднината и дилеми за избраниот факултет, но сега, рече, е веќе на говорницата како лидер на студентската организација. 

-​ Денес стојам од оваа страна. И ако нешто научив од овие три години, тоа е дека најважните работи што ќе ги научите на универзитетот никогаш нема да ги најдете во скриптите.  Ќе ги најдете во луѓето што ќе ги запознаете, во пријателствата што случајно ќе почнат по првото предавање, во професорот што ќе ве натера да размислувате поинаку. Учете, правете грешки, запознавајте луѓе, барајте можности — и создавајте ги кога ги нема, истакна Василевска.

Им порача постојано да инвестираат во својата иднина и да посетуваат што повеќе пракса, за што корисна ќе им биде веб-платформата „LInker“ преку која студентите ќе може полесно да стигнат до компании и практична обука. 

Василевска нагласи и дека УСС на УКИМ постои за да ги брани правата на студентите и да поднесува иницијативи за подобри услови за студирање. 

​- Поднесовме иницијатива за дигитална автобуска картичка, во соработка со Министерството за дигитална трансформација, а заедно со многу други универзитети бараме студентскиот оброк да се покачи од 140 на 200 денари. ​Не се помируваме со „така било отсекогаш“. Ако нешто може да биде подобро, ќе предложиме подобро решение и ќе се бориме тоа да стане реалност, рече претседателката на УСС на УКИМ, студентка на Правниот факултет „Јустинијан Први“. 

​Индексите на најдоброрангираните бруцоши им ги врачи ректорката на Скопскиот универзитет, Биљана Ангелова, која од оваа академска година го почнува вториот тригодичен мандат на чело на Универзитетот. 

​ – Од денес сте дел од најстариот и најголемиот универзитет во нашата држава, универзитет со традиција, со знаење, со генерации студенти и професори кои низ децениите оставиле трага во македонското општество, науката, културата и професионалниот живот.  Но денес не сте само нова генерација студенти на УКИМ, од денес, вие сте дел од неговата приказна. Пред вас се отвора едно значајно животно поглавје. Студирањето не е само период во кој ќе стекнувате знаења и диплома. Тоа е време во кое ќе растете како личности, ќе ги преиспитувате своите ставови, ќе откривате нови интереси, ќе создавате пријателства и ќе ги градите своите професионални и животни вредности, истакна Ангелова.  

​Како што рече, универзитетот ќе ви даде знаење, но вие сте тие кои треба тоа знаење да го претворите во вредност. 

-Затоа, бидете љубопитни, поставувајте прашања, размислувајте критички, истражувајте и не разочарувајте се и не обесхрабрувајте се кога одговорот и не е веднаш пред вас. Не плашете се да кажете дека нешто не знаете, токму желбата да научиме е почетокот на секое вистинско знаење … Од вас ќе се бара труд, дисциплина, одговорност, но пред сè ќе се бара верба во сопствените способности. Секој од вас денес со себе носи некаков талент, знаење, љубопитност и сопствена визија за иднината, порача ректорката на УКИМ.

Додаде дека нивна е обврската да чекорат кон своите цели, а обврска на УКИМ е неговото  модернизирање, дигитализирање и интернационализирање.

 -​Како универзитет, наша обврска е да ви обезбедиме знаење, квалитет, современа академска средина и поддршка во вашиот развој. Ваша обврска е да ја искористите можноста што ви е дадена, рече ректорката Ангелова на првиот академски час од студиската 2026/2027 на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.