Вести
Наунов: Одбраната на обвинетите за „Пулс“ може да одложува правдата, но вистината не
Одбраната започнува со изнесување на свои сведоци и вештаци, но тоа нема да ги промени утврдените факти за објектот, порача Александар Наунов, во име на семејствата на загинатите млади лица пред денешното рочиште за судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Наунов јавно праша кој сведок или вештак ќе може да докаже дека дискотеката имала законска пренамена, сопствен паркинг или исполнети минимално‑технички услови, како и кој ќе го оправда непостапувањето на Општината и институциите „што го зави Кочани во црно“.
Според него, обвинетите од обезбедувањето не се на обвинителна клупа поради нивната реакција во моментот на пожарот, туку поради сомнеж дека не ги исполниле обврските пред трагедијата.
– Херојство откако сè било во пламен не ја брише одговорноста за она што не било направено претходно – истакна Наунов.
Додаде дека одбраната може да носи сведоци и да одолжува, но „со сведочење нема да направат пренамена, со вештачење нема да создадат паркинг, а со адвокатски говор лиценцата за салон за теписи нема да ја претворат во дозвола за дискотека“.
– Се обидуваат да го бранат неодбранливото. Правдата можат да ја одолжуваат. Вистината не – нагласи Науунов.
На рочиштето одбраната изнесе забелешки за работата на вештаците, односно за градежното вештачење, дел од кои, како што наведоа, веќе се доставени и во писмена форма.
Обвинителот Дарко Јакимовски, пак, побара од судот на наложи одбраната да достави прочистена и веродостојна листа на докази што има намера да ги изведува во постапката. Тој нагласи дека на секое рочиште се случува надополнување, дополнување и предлагање нови докази, што, како што рече, создава процесна неконтролираност и ја отежнува улогата на судот.
– После година и пол од настанот и речиси една година од почетокот на расправата, уште не видовме единствена листа на докази од одбраната – истакна Јакимовски.
Обвинителот побара судот да ги задолжи сите бранители веднаш да достават единствена листа на докази, за да може и обвинителството да се произнесе по неа „без одлагање“.
октомври 1, 2026
