Connect with us

Култура

Изложбата „Митологија, религија или слободна мисла“ на Трајче Чатмов во Куманово

Кумановци вечер од 19 часот во НУЦК „Трајко Прокопиев“ ќе имаат можност да ја посетат изложбата „Митологија, религија или слободна мисла“ на академскиот сликар Трајче Чатмов. На изложбата ќе бидат претставени дваесетина слики од неговата најнова продукција.

Чатмов е роден во 1971 година во Скопје, каде што дипломирал и магистрирал на Факултетот за ликовни уметности. Првата самостојна изложба ја реализирал во 1997 година во рамките на манифестацијата „Охридско лето“, по што следуваат бројни самостојни изложби во земјава и во странство. Во текот на својата кариера Чатмов изложувал во Македонија, учествувал и на повеќе групни изложби во земјава и во меѓународни проекти и ликовни манифестации во Германија, Полска, Словенија, Србија, Бугарија, Јапонија и Обединетите Арапски Емирати.

Во освртот кон творештвото на Чатмов, академик Катица Ќулавкова неговото сликарство го определува како фигуративен експресионизам и магичен реализам, со тематски интерес што се движи од митски, историски и библиски приказни до мотиви поврзани со човекот, предметите и секојдневието.

Како што пишува, во неговото творештво се присутни различни ликовни техники, меѓу кои акрил на платно, цртеж, акварел и лавиран туш, како и комбинирани техники. Изложбата „Митологија, религија или слободна мисла“ ќе биде поставена во НУЦК „Трајко Прокопиев“ до 15 октомври 2026 година.