Култура
Излезе од печат книгата „Сеф за тајни“ од Десанка Николова
Велешката и македонска авторка Десанка Николова денеска ја издаде својата најнова книга „Сеф за тајни“. Книгата е објавена на македонски јазик во издание на Издавачката куќа „Збор“ – Велес, во прво издание, со тираж од 500 примероци. Уредник е Емилија Златкова- Анастасова, лектурата е на Мариетка Петровска, а дизајнот на корицата е на Христијан Анастасов. „
Како што информира за МИА, авторката Десанка Николова, „Сеф за тајни“ е книга за луѓето чии најтешки битки често остануваат невидливи, за оние што се обидуваат да бидат силни и кога им е потребна поддршка, но и за секој што некогаш посакал да го разбере сопствениот живот од поинаква перспектива.
– Книгата нуди можност човекот да застане, да погледне во себе и да одлучи што ќе понесе со себе во новото утре.Зашто, како што порачува книгата, вистинската приказна штотуку започнува во мислите на читателот, појасни Николова.
Додава оваа книга е покана да се сретнеме со себеси, да ги отклучиме сопствените тајни и да откриеме колку убави, силни и неповторливи можеме да бидеме кога ќе се осмелиме да си погледнеме во душата.
-Сефот е отворен. Приказната започнува. А можеби, токму во неа, ќе се пронајдете себеси.На сите Вери и Љубени што некогаш сум ги сретнала, сум ги сакала, сум ги разбирала или можеби, никогаш целосно не сум успеала да ги разберам. На нивните премолчени приказни, на зборовите што останале неизговорени и на чувствата што понекогаш се сокриваат под површината на она што другите мислат дека го знаат за нас – појасни Николова.
Додава и на сите оние кои некогаш биле нечија Вера и нечиј Љубен. За многу години денешниот празник на Светите Вера, Надеж, Љубов и мајка им Софијa.
Промоцијата на книгата, авторката ја планира на 25 ноември во родниот Велес.
октомври 1, 2026
