Connect with us

Ракомет

Успешен ракометен викенд во Охрид и силна порака за иднината на женскиот ракомет

Изминатиот викенд Охрид беше домаќин на ракометниот турнир „Трофеј Македонија“, а притоа беше одржан и ракометен форум за женскиот ракомет, а зад комплетната организација стоеше РФМ.

– На „Трофеј Македонија“ имавме можност да ги пречекаме репрезентациите на Србија, Хрватска и Црна Гора и да одиграме квалитетни натпревари кои се исклучително важни за нашата женска сениорска репрезентација. Резултатите секогаш се важни, но во овој период уште поважно е да видиме каде сме, што треба да подобриме и да создадеме услови репрезентацијата да расте низ силни натпревари. Паралелно со турнирот, за првпат го организиравме и Женскиот ракометен форум во Охрид. Посебно ми е драго што на едно место успеавме да собереме големи имиња од регионалниот и европскиот ракомет – Индира Кастратовиќ, Андреа Лекиќ, Лидија Хорват, Сузана Лазовиќ и Драгана Цвијиќ – и нивните искуства да ги доближиме до нашите ракометарки, а особено до помладите генерации. Разговорите беа искрени и отворени. Се зборуваше за успесите, но и за тешките моменти во кариерата, за притисокот, повредите, односот со тренерите, самодовербата и за сето она што една млада ракометарка ја очекува на патот доколку сака еден ден да игра на највисоко ниво, истакна Влатко Тасевски, генералниот секретар на Ракометна федерација на Македонија

На турнирот македонската репрезентација го освои второто место со две победи (Србија и Хрватска), додека победник беше Црна Гора.