Connect with us

Култура

Во Штип изложба „Окото на ангелот“, изложени 34 фотографии на штипјанецот Александар Ефремов кој загина во „Пулс“

Триесет и четири фотографии за 34 роденден на штипјанецот Александар Ефремов беа изложени во уметничката галерија „Безистен“. Ефремов беше фотограф на музичката група ДНК, а на 16 март 2025 година загина во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Неговото семејство, роднини, пријатели и колегите можеа да ги видат неговите фотографии, а изложбата е насловена „Окото на ангелот“.

Неговата сестра Паулина на отварањето на изложбата посочи дека за Александар она што почнало како хоби, прерасна во професионална кариера и му донесе признание од луѓето со кои соработуваше.

– Животот го живееше со целосната страст и остави траг на сите кои го познаваа.Не учи и нам за сè што знаеше самиот, дека фотографијата е уметност и љубовта кон семејството е прав мотив како што тој сакаше да каже за нешто што е силно.Неговата главна одлика беше добрината.Работата и ведриот дух го споија со многу луѓе: со Цецата, Филип, Дамјан, Филип и сите 63 ангели кои таа ноќ ги фотографираше-рече Паулина Aпостолова сестра на Александар Ефремов.

Неговите фотографии го отсликуваат начинот како тој го гледал светот. Во нив се препознава неговата ведрина, а силниот колорит и играта на светлината се дел од неговиот препознатлив фотографски опус, истакна рецензентката Маја Крстева Коларова.

-Тој живееше во бојата, во бојата на животите. Затоа сите негови фотографии имаат силен колорит.Секоја фотографија остава впечаток на палета од нијанси кои ги отсликуваат ноктите во ритамот на забавата.Но, во сета таа ведрина и забава се крие сериозност која се гледа во моментите кои ги насликал на фотографското платно. Во неговите дела преовладува зракот-рече Крстева Коларова. 

Александар Ефремов е роден во 1992 година во Штип, а животот го загуби во големата трагедија во дискотеката „Пулс“. На изложбата присуствуваше и градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов.