Регион
Во приватна клиника во Солун неовластено работело онколошко одделение и се вршеле хемотерапии
Низа сериозни неправилности, меѓу кои онколошко одделение што работело без соодветна дозвола, се вршеле хемотерапии и се рекламирало и на веб-страницата; недостиг на медицински персонал; отсуство на функционална единица за интензивна нега, утврдила Националната управа за транспарентност на Грција (ЕАД) во приватна клиника во Солун, а по контролите предлага трајно затворање и одземање на дозволата за работа, јави дописничката на МИА од Атина.
По поднесена пријава, од Националната управа за транспарентност биле спроведени и соодветните проверки вклучени во извештајот.
Како што соопштија, во важечката дозвола за работа на клиниката не било вклучено онколошко одделение, кое било целосно опремено, работел само еден лекар – пулмолог со специјализација во областа на пулмоналната онкологија, кој имал своја канцеларија, но не и договор за работа, а на официјалната веб-страница постоел информативен материјал (видео) на кое се гледа дека онколошкото одделение располага со потребната опрема, иако без потребната законска дозвола.
Дополнително, не постоел договор за работа со лекарите, клиниката немала доволен број медицински сестри и стручен кадар, а немала ни функционална единица за интензивна нега, иако според законските прописи била задолжителна.
– Приватниот лекар, пулмолог со специјализација во пулмонална онкологија, под чиј надзор незаконски функционирало онколошкото одделение, од 2022 година, од ординацијата во клиниката, им препишувал лекови за хемотерапија на неговите пациенти, а потоа во „Онколошкото одделение“ на клиниката ја вршел терапијата, додека подготовката ја вршела персоналот на клиниката, соопштија од ЕАД.
Додадоа дека и лекарот сноси одговорност за незаконското функционирање на онколошкото одделение во клиниката, бидејќи, покрај тоа што одделението не било предвидено во дозволата за работа на клиниката, „обезбедувањето здравствени услуги во простор без соодветна дозвола е спротивно на неговата стручна и етичка одговорност како лекар“, а паралелно немал ни писмен договор за работа со клиниката.
Комисијата за контрола на приватните клиники на надлежната периферија во 2025 година спровела вонредна проверка на работењето на клиниката и утврдила дека клиниката немала доволен број медицински сестри и друг неопходен медицински персонал за нејзино безбедно функционирање и предложила одземање на потврдата за работа поради недоволен број вработени, а на почетокот на годинава и трајно прекинување на работата на клиниката и одземање на дозволата, но не биле утврдени и комисијата не ги навела во својот извештај фактите што произлегле од контролата на ЕАД, што се однесуваат на онколошкото одделение.
Сепак и покрај оваа препорака за трајно прекинување на работата на клиниката, Дирекцијата за јавно здравје и социјална грижа, како надлежен орган, не го сторила тоа.
По откриените недостатоци и неправилности во приватната клиника, од Националната управа за транспарентност на Грција, предлагаат и препорачуваат целосно затворање на клиниката и одземање на дозволата за работа, но и изрекување на административни санкции.
Конкретниот извештај бил доставен до надлежниот обвинител за евентуална кривична одговорност, до Националната организација за обезбедување здравствени услуги, за преземање на евентуални дејствија во врска со точноста на доставените податоци, како и до надлежната лекарска комора, за испитување на евентуална дисциплинска одговорност.
Според грчките медиуми, се очекува во текот на денешниот ден клиниката да биде затворена.
септември 29, 2026
