Вести
Мицкоски: Во судството имаме измеќарско малцинство кое им слугува на СДС и ДУИ
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, во гостувањето во емисијата „Под лупа“ на ТВ „Алфа“, говорејќи за правосудството, истакна дека таму, покрај огромното мнозинство чесни луѓе, постои и измеќарско малцинство кое им слугува на СДС и ДУИ.
„Само да расчистиме, огромно мнозинство се чесни луѓе таму, кои си ја гледаат својата професија, и се заштитници на владеењето на правото, на законите итн. Има мала група што го контаминира ова огромно мнозинство. Значи, имаме, би рекол, измеќарско малцинство што добило шанса поради претходниве и сега им возвраќа“, потенцира Мицкоски.
Тој додаде дека проблемот лежи во три импланти, односно во генералниот реизбор во Собранието, кој се случи во 90-тите години додека ВМРО-ДПМНЕ беше вонпарламентарна опозиција, СЈО и измените на КЗ, кои претходната влада ги донесе за себеамнестија.
„Проблемот лежи во основа на три импланти. Првиот имплант е уште во 90-тите години од минатиот век кога ВМРО-ДПМНЕ беше вонпарламентарна опозиција и кога се направи оној генерален избор во Собранието. Тоа е првиот и суштински проблем и оттогаш почнува практично чекор по чекор да се уриваат правдата и довербата во судството во Македонија. Вториот е кога е создаден и креиран политичкиот имплант СЈО за што и ние како партија имаме своја одговорност, но во тој момент немаше друга опција за да се натераат да одат на избори, кои, патем речено, 2-3 пати ги одлагаа, потоа повторно изгубија, но поради оној инженеринг, им се даде можност да бидат Влада како што им се даде. Значи, тоа е вториот имплант што заврши спакуван во куфер со оние бонуси што вие ги кажувате итн., да не навлегувам. Сè уште не можеме да дознаеме како се пренесоа овластувањата кај овие луѓе од затвореникот Јанева во тоа време. И, третиот, по мене дефинитивен удар врз правосудството, е кога со европско знаме претходната влада донесе измени во КЗ, односно во Кривичниот законик, кога практично ги избриша сите оние членови со кои се овозможи политичка амнестија на една плејада луѓе, најмногу за себе, се разбира. Тие имаа тогаш друга замисла на тој начин – имаше еден политички процес во Собранието, тие мислеа дека ако обезбедат политичка амнестија на одредени поранешни политичари, дека тие повторно по принципот на преспанскиот договор ќе им обезбедуваат пратеници. Тоа беше во заднината на целиот тој процес и, нормално, себеамнестија под превезот на европското знаме. Тоа е конечниот удар што е зададен врз правосудството и врз довербата во самото правосудство“, нагласи Мицкоски.
Тој додаде дека оваа Влада, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, работи на нов КЗ и ЗКП со цел граѓаните повторно да почнат да ја враќаат довербата во правосудните органи.
„Ние работиме на нов КЗ и ЗКП (Закон за кривичната постапка), носечки закони во процесите, и повторно ВМРО ќе треба да ги донесе тие закони бидејќи се дел од реформската агенда. Се надеваме дека до крајот на годината ќе го затвориме тој процес и ќе можеме врз основа на тој процес колку-толку да ја вратиме довербата. Значи, повторно оваа владина коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ влегува во таков еден процес во кој мораме да направиме некаков чекор за граѓаните повторно да ја вратат довербата кон правосудните органи. Дали ќе успееме, не знам, но ние ќе го истераме овој процес. Она што ние како Влада гледаме да биде вклучено во изработката на овие закони се европските стандарди. Врз основа на тие европски стандарди ние да донесеме такви закони и мислам дека до крајот на годината ќе успееме во тоа“, истакна премиерот.
Мицкоски нагласи дека ова сепак нема да ги опфати функционерите и делата што се правеле за време на минатата власт бидејќи тие секогаш ќе се повикуваат на законот што си го донесоа за политичка амнестија.
„Но, ќе повторам: тоа нема да ги опфати нив. Тоа нема да ги опфати делата што тие ги правеле итн. Тие секогаш ќе се повикуваат на законот што си го донесоа за политичка амнестија со измените во КЗ. Ова што ние го носиме е доколку отсега натаму некој згреши пред законот“, истакна Мицкоски.
септември 29, 2026
