Вести
Мемов: Методологијата за пресметка на пензиите треба да се менува – системот мора да стимулира редовно и целосно плаќање на придонесите
Директорот на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија, Никола Мемов, во гостувањето во емисијата „Топ-тема“ на телевизијата „Телма“, говореше за актуелната состојба во пензискиот систем, начинот на усогласување и исплата на пензиите, финансиските текови во Фондот, како и за потребата од системски реформи, со цел обезбедување долгорочна одржливост на пензискиот систем.
Мемов посочи дека една од клучните слабости што се детектирани во изминатиот период е методологијата за пресметка на пензиите, која, според анализите на Фондот, не создава доволен мотив за редовно и целосно плаќање на придонесите.
„Суштината на проблемот е во тоа што постојната методологија не го вреднува во доволна мера реалниот вкупен придонес на осигуреникот во текот на работниот век. Во одредени случаи системот не создава доволен мотив за плаќање придонеси на реалниот износ на платата. Тоа директно влијае врз приходите на Фондот и затоа е потребно да се подготви ново законско решение“, истакна Мемов.
Според него, идната формула треба да обезбеди директна врска меѓу реално уплатените придонеси и висината на пензијата, со истовремено задржување на социјално-солидарната функција на државата.
Предлог-концептот што се разгледува предвидува две компоненти – економска и социјално-солидарна компонента. Економската компонента би го зела предвид вкупниот износ на реално уплатените придонеси во текот на работниот век, а социјалната компонента би обезбедувала дополнителна заштита за лицата што, и покрај исполнувањето на условите, немаат доволно средства за пензија над определен социјален минимум.
„Треба да се вреднува колку вкупно средства осигуреникот уплатил во системот, тие средства да се ревалоризираат и целосната уплата да влијае врз висината на пензијата. Тогаш нема да биде исто дали некој уплаќал 15 или 40 години, ниту дали уплаќал придонеси на ниска или на висока плата“, рече Мемов.
УСОГЛАСУВАЊЕТО НА ПЕНЗИИТЕ Е ВО СОГЛАСНОСТ СО ЗАКОНСКАТА РАМКА
Во однос на актуелното усогласување на пензиите, директорот на Фондот појасни дека законската рамка се применува и дека септемвриското усогласување се врши во согласност со постојниот модел.
„Законот се почитуваше и претходно и сега. Линеарното зголемување беше направено во согласност со законските измени, во два наврати по 2.500 денари и во два наврати по 1.000 денари. Сега усогласувањето е во согласност со постојниот закон и швајцарската методологија – 50 проценти според растот на платите и 50 проценти според трошоците на живот“, објасни Мемов.
Според податоците презентирани од директорот на Фондот, септемвриското усогласување е приближно 3 проценти, што претставува дополнителни речиси 350 милиони денари месечно за исплата на пензиите.
Вкупниот износ за исплата на пензиите, кој во август изнесувал околу 9,65 милијарди денари месечно, по усогласувањето, ќе достигне речиси 10 милијарди денари.
Мемов посочи дека во периодот од септември 2024 до март 2026 година пензиите кумулативно се зголемени за 7.000 денари месечно од пензионер.
„Минималната пензија во август 2024 година изнесуваше 13.192 денари, а просечната 21.217 денари. По зголемувањето од 7.000 денари, минималната пензија изнесува 20.835 денари, а просечната е речиси 29.000 денари. Тоа значи дека минималните пензии се зголемени за 61 процент, а просечната пензија за 39 проценти во однос на август 2024 година“, посочи Мемов.
ЗА ИСПЛАТА НА ПЕНЗИИТЕ НЕ НЕДОСТИГААТ ЕДНА МИЛИЈАРДА ЕВРА
Во однос на финансирањето на пензискиот систем, директорот на Фондот посочи дека во јавноста често се презентираат податоци без да се направи разлика меѓу средствата што се потребни директно за исплата на пензиите и другите трансфери поврзани со обврските на Фондот.
За 2026 година планираниот трансфер од буџетот кон ПИОМ изнесува речиси 64 милијарди денари.
Истовремено, планираните средства за исплата на пензиите изнесуваат приближно 117 милијарди денари, а планираните приходи од придонеси за пензиско осигурување се речиси 85 милијарди денари.
„Разликата меѓу средствата потребни за исплата на пензиите и планираните приходи од придонеси е околу 32 милијарди денари, односно приближно 500 милиони евра. Тоа е износот што недостига за директната исплата на пензиите. Средствата до вкупниот трансфер од 64 милијарди денари се однесуваат и на други обврски на Фондот, меѓу кои здравственото осигурување на пензионерите и транзициските трошоци кон пензиските друштва во вториот столб“, објасни Мемов.
Тој нагласи дека исплатата на пензиите не е доведена во прашање и дека државата ја гарантира редовната исплата.
РАСТОТ НА ПЕНЗИИТЕ ЈА ЗГОЛЕМУВА И ОБВРСКАТА ЗА ЗДРАВСТВЕНО ОСИГУРУВАЊЕ
Мемов појасни дека со растот на пензиите растат и обврските на ПИОМ кон Фондот за здравствено осигурување.
За 2026 година оваа обврска изнесува речиси 220 милиони евра, а за 2027 година се очекува да достигне приближно 250 милиони евра.
„Нема компромис за здравствената заштита на пензионерите. Тие ја добиваат и ќе ја добиваат. Станува збор за меѓуинституционален финансиски однос, кој мора јасно да се прикаже кога се анализира финансиската состојба на ПИОМ“, истакна директорот.
МИНИМАЛНАТА ПЕНЗИЈА И СОЦИЈАЛНАТА ФУНКЦИЈА
Мемов посочи дека разликата меѓу пензијата пресметана според законската формула и утврдениот минимален износ се обезбедува од средствата на Фондот.
За 2026 година за оваа намена се издвојуваат речиси 82 милиони евра, а заедно со средствата за повластените категории вкупните разлики во исплатата надминуваат 100 милиони евра.
Според него, токму затоа идниот модел треба јасно да ги раздвојува пензискиот принцип – колку се уплатило и колку се остварува како право – од социјалната функција на државата, која треба да биде насочена кон оние граѓани на кои им е потребна дополнителна социјална заштита.
ПОТРЕБНО Е ПОСТЕПЕНО ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ПРИДОНЕСОТ
Директорот на ПИОМ посочи дека сегашната стапка на придонес за пензиско осигурување е пониска во споредба со претходните периоди.
Од вкупната стапка од 18,8 проценти, 12,8 проценти се наменети за првиот пензиски столб, а 6 проценти се издвојуваат за вториот столб.
„Потребно е да се размислува за постепено зголемување на висината на придонесот, на пример за 0,5 до 0,6-процентни поени годишно, во дијалог со работодавачите и стопанските комори. Целта треба да биде да се обезбеди поголема финансиска стабилност на системот, без нагло зголемување на товарот врз работодавачите и вработените“, рече Мемов.
ВТОРИОТ ПЕНЗИСКИ СТОЛБ – ПОГОЛЕМА ФЛЕКСИБИЛНОСТ ВО ИНВЕСТИРАЊЕТО
Во однос на вториот пензиски столб, Мемов појасни дека средствата се индивидуална сопственост на осигурениците и дека не станува збор за средства со кои државата може слободно да располага.
Во вториот столб има приближно 640.000 осигуреници, а средствата се инвестираат во согласност со законски определена структура.
Според директорот на Фондот, потребно е да се разгледа можноста за поголема флексибилност во инвестирањето, со соодветни механизми за контрола и заштита од ризик.
Како една од можностите тој посочи инвестирање во домашни капитални и инфраструктурни проекти, при што осигурениците би имале индиректна економска корист од приносот на инвестициите.
„Потребно е да се создаде законска рамка која ќе овозможи поголема диверзификација на инвестициите. На располагање има значајни средства, кои може да имаат поголем економски ефект, но тоа мора да биде направено со јасни правила, контрола и заштита на интересите на осигурениците“, истакна Мемов.
Тој посочи и на концептот на скалест ризик, според кој инвестицискиот ризик би се приспособувал на возраста на осигуреникот – повисок кај помладите, понизок кај лицата што се поблиску до пензионирање.
ПОВИСОК СТАЖ И ЦЕЛОСНО ПЛАЌАЊЕ НА ПРИДОНЕСИТЕ – ОСНОВА НА ОДРЖЛИВ СИСТЕМ
Во однос на сивата економија и неплаќањето на придонесите, директорот на ПИОМ нагласи дека институциите мора да обезбедат ефикасна наплата на сите законски обврски.
„Кога ќе се промени методологијата и кога секој реално уплатен денар ќе има директно влијание врз идната пензија, и за работодавачите и за осигурениците ќе има јасен мотив придонесите да се плаќаат во целост. Целта е да создадеме систем во кој редовното плаќање на придонесите ќе биде економски и институционално оправдано“, рече Мемов.
ПИОМ ИМА ИНСТИТУЦИОНАЛНА ОБВРСКА ДА ПРЕДЛАГА СИСТЕМСКИ РЕШЕНИЈА
Мемов нагласи дека Фондот на ПИОМ нема ингеренции да ги носи владините политики, но има можност, врз основа на стручните анализи и актуарските проекции, да предлага решенија до надлежните институции.
„Фондот има можност да ги детектира слабостите, да ги анализира и да предлага решенија. Политиките ги носат Владата и Собранието. Нашата задача е да дадеме стручни и аргументирани предлози врз основа на податоци и актуарски анализи“, истакна Мемов.
Тој посочи дека реформата на пензискиот систем мора да биде насочена кон долгорочна финансиска одржливост, правичност меѓу генерациите, поголема поврзаност меѓу уплатените придонеси и остварените права и зачувување на социјалната функција на државата.
„Пензионерскиот систем мора да биде систем во кој граѓанинот има јасна врска меѓу она што го уплаќа во текот на работниот век и она што го добива како пензија. Истовремено, државата мора да обезбеди заштита за оние граѓани на кои им е потребна социјална поддршка. Само со ваков пристап можеме да создадеме систем што ќе биде и правичен и финансиски одржлив“, заклучи директорот на Фондот на ПИОМ, Никола Мемов.
септември 29, 2026
