Општини
АХВ по повод Денот против беснило: Домашните миленици редовно да се носат на вакцинација и да бидат микрочипирани
На секои девет минути беснилото зема уште една жртва, но смртта може да биде 100 отсто спречена. Кога работиме заедно, можеме да го прошириме пристапот до вакцинација на кучиња, која спасува животи, да ги подобриме системите за надзор и пријавување беснило, да ги зајакнеме јавната свест и образованието, да ги поддржиме политиките што ги штитат и луѓето и животните и да изградиме одржливи решенија водени од заедницата – порачува Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) по повод 20. Светски ден на беснилото – 28 Септември, чие мото годинава е „Заедно посилни“.
Мотото, како што истакнува АХВ, одразува критичен момент во напорите за елиминација на беснилото, каде што напредокот сè повеќе зависи од тоа колку добро соработуваат секторите, дисциплините и заедниците. Иако е постигнат значителен напредок, празнините во координацијата и соработката продолжуваат да го ограничуваат влијанието. Оваа тема ја нагласува итноста од зајакнување на партнерствата, подобрување на комуникацијата и усогласување на напорите во системите за здравје на луѓето и животните.
АХВ потсетува дека е во тек кампањата „Стоп беснило – пријави и спречи“, која има цел да го зголеми пасивниот надзор на болеста, односно да се провери евентуалното присуство на вирус кај пцовисани животни, кои се приемчиви на беснило. Притоа апелира до сите возачи и граѓани, доколку забележат пцовисано животно приемчиво на болеста – лисица или други диви месојади, случајот да го пријават на бесплатниот телефонски број 0800 00 210 или во канцелариите на подрачните единици на Агенцијата за храна и ветеринарство.
АХВ воедно ги повикува на одговорно сопствеништво граѓаните што имаат кучиња и мачки – да ги носат домашните миленици на редовна задолжителна годишна вакцинација и да ги микрочипираат.
– Континуирано преземаме активности за контрола и одржување позитивна епидемиолошка состојба кога е беснилото како болест во прашање. Акцијата на зголемување на бројот на идентификувани и регистрирани, а со тоа и вакцинирани против беснило миленици (кучиња и мачки), е само дел од мерките што се преземаат, а се основа и за воспоставување контрола на популацијата бездомни животни – нагласува АХВ.
Првпат по пауза од три години Агенцијата за храна и ветеринарство во 2025 година почна кампања за орална вакцинација на лисиците, со цел подобрување на епидемиолошка состојба со болеста беснило во земјата и регионот кај дивата популација. Оваа година кампањата за авионска дистрибуција на 450.000 вакцинални мамки почна на 23 септември и се очекува да заврши до 2 октомври по што во рок од 15 дена ќе почне со земање примероци за проверка на успешноста на вакцинацијата.
септември 28, 2026
