Connect with us

Култура

Се конзервира средновековна црква кај струмичко Банско

По 7 години од завршувањето на археолошките истражувања на средновековната црква на локалитетот Мал Кајаси – село Банско, НУ „Завод и музеј Струмица“ се врши конзервација на овој сакрален објект, објавија од оваа установа.

Оттаму објавија дека проектот го реализира стручен тим во состав: професор  д-р Трајче Нацев, советник-конзерватор – раководител на проектот, м-р Симона Јованова, виш конзерватор-архитект – ко-раководител и д-р Душко Цветанов, виш кустос-археолог – член на стручниот тим.

-Целта на проектот е заштита и зачувување на средновековната црква, спречување на понатамошното пропаѓање и распаѓање на објектот, како и стабилизирање и консолидирање на постојната автентична материјална структура. Со конзерваторско-реставраторските интервенции се создаваат услови за долгорочно зачувување на објектот и неговите историски и културни вредности, се наведува во објавата на „Завод и музеј Струмица“.

Според археолозите ова е еден од најзначајните археолошки локалитети во Струмичкиот регион, спомнат и во хрониките на Јован Сликица, како Термица во 1014-1015 година и во кампањата на Императорот Василиј II против Цар Самуил.

Заради тешката пристапност на теренот и локацијата материјалите и опремата за конзервацијаа се пренесуваат со коњи на Зенула Русидов од село Банско.

Инаку, проектот е дел од годишната програма на НУ „Завод и Музеј Струмица“, финансиран од Министерството за култура и туризам.