Култура
Избрани шест нови членови на Друштвото на писателите на Македонија
Друштвото на писателите на Македонија неодамна го прошири своето членство со шест авторки и автори. На последната одржана седница, управниот одбор на Друштвото изгласа за негови нови членови да бидат примени: Марина Икономова Шокева, Митко Бојаџиски, Ана Витанова-Рингачева, Дијана Петрова, Тодор Јовчевски и Енис Хилми.
Марина Икономова Шокева е родена 1966 г. во Охрид. Дипломирала на катедрата за англиски јазик и книжевност и работи како професорка во Охрид. Авторка е на четири стихозбирки: „Слики од бунарот“ (2017, Ѓурѓа), „Директни обраќања“ (2019, ПНВ Публикации), „Светот и јас“ (2021, ПНВ Публикации) и „Модра мрежа“ (2024, ПНВ Публикации). Нејзини песни се објавувани во повеќе поетски алманаси и списанија, печатени и електронски, во Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора, како и во Грција и Албанија. На англиски јазик е застапена на страницата на „Ledbury Poetry Festival“ и во американските списанија “Superpresent”и “Poets and places”.
Во 2019 година на онлајн натпреварувањето во Италија „Quando e la vita ad invitare“ ја добива втората награда во странската конкуренција, а истата година е добитничка и на специјалната награда „Антево слово“ во Сицилија. Во 2025 година станува лауреат на истиот конкурс, освојувајќи ја првата награда. Учествува на значајни поетски фестивали и читања во земјава и регионот Застапена е во антологиите „Самодиви“ (македонска поезија пишувана од жени), „Охридските поети“ и „Антологија на копнежот“. Авторката е дел од уредничкиот тим на списанието за култура, литература и уметности „(е)Лит.“.
Митко Бојаџиски е роден во Струмица, 1962 година. Автор е на книгата поезија „Силуети и сенки“ (едиција Алфа, Книжевна младина на Македонија), 1989 година. Подоцна се појавува на книжевната сцена како драмски писател со „Кец на десетка“ и уште две драми во 2018 година во издание на ИК „Феникс“. Во 2026 година во издание на ИК „ Супрема“ излегува неговото последно дело „Театарски приказни“. Автор е на драмите: „Кец на десетка“, „Кец на десетка 2“, „Прекрасни светови“, „Како што е пишано“, „COMEDIA CRIMINALE“, „Во името на народот“, „ Со човечко лице“, „Проект Болеро“. Живее и работи во Струмица.
Ана Витанова-Рингачева (Струмица, 1981) е универзитетски професор, книжевник, есеист и публицист. Вонреден професор е на Катедрата за македонски јазик и книжевност при Филолошкиот факултет на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.
Автор е на книгите „Поетскиот дискурс во наставата“ (2012), „Шаманизмот во македонската народна традиција“ (2019), „Премостени соништа – огледи, осврти, есеи“ (2020), монографијата „Иван Котев – меѓу фолклорот и животот“ (2023) и букварот за деца „Аз и Бука од планетата Азбука“ (2025). Коавтор е на публикациите „Струмичко литературно соѕвездие“ (2015), „70 години посветеност во образованието“ (2016) и „Речник на германско-англиски фразеологизми со македонски еквиваленти“ (2025). Приредувач е на изданието „Детето со ѕвезда на челото“ – избор од македонското народно творештво (2020).
Нејзини научни трудови, книжевни осврти, есеи и критики се објавувани во домашни и меѓународни списанија и зборници. Главен и одговорен уредник е на меѓународното списание „Зенит“ – списание за наука, литература, култура и уметност. Претседател е на здружението „Средби под јаворите – Видое Подгорец“, посветено на литературата за деца и на проучувањето на творештвото на Видое Подгорец. Активно е ангажирана и во организирањето на културни настани, промоции на книги и книжевни средби во својот роден град.
Дијана Петрова е македонска писателка и професорка по македонски јазик и литература. Родена е 1992 година во Делчево. Дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на студиската програма Македонска книжевност и јужнословенски книжевности со македонски јазик. Магистер е на студиската група Македонска книжевност и култура, а нејзиниот научен интерес е насочен кон македонската книжевност, фолклорот и словенската митологија.
Авторка е на четири книги: „Бдеењето над себе“, „Не правете им сенка на гробовите“, „Излегувањето од сенка (Тајното женско училиште)“ и „Изгубените женски ракописи“. Нејзиното творештво се одликува со интерес за женското писмо, книжевната историја, меморијата и односот меѓу традицијата и современоста. Во своите дела ги истражува границите меѓу фикцијата и историското сведоштво, како и невидливите слоеви на културното наследство.
Добитничка е на три награди за краток расказ. Нејзините есеи и раскази се објавувани во книжевни списанија.
Како професорка и писателка, посветена е на унапредувањето на функционалната писменост, развојот на читателската култура и поттикнувањето на креативното изразување кај младите. Во својата образовна и културна работа организира книжевни настани, работилници и активности што ги поврзуваат литературата, јазикот и културното наследство.
Тодор Јовчевски е роден 1963 година во Битола. По образование е дипломиран економист. Автор е на разновиден книжевен опус што опфаќа афоризми, раскази, сликовници, романи, поезија и бајки. Својот авторски пат го започнал со збирката афоризми „Мудростите на еден фрик“ (Едиција „Алфа“, Книжевна младина на Македонија, Скопје, 1987), по што следувале збирките раскази „Тајни патеки низ сонцето“ (Книжевна младина на Македонија, Скопје, 1992) и „Приказни од Лимбус“ (Едиција „Змеј“, ИК Штрк, Скопје, 1994).
Во периодот што следува се насочува и кон литературата за најмладите, па така во 1997 година објавува три сликовници во издание на Институтот Отворено општество од Скопје: „Во нашата градина“, „Марко на сафари“ и „Нашата овошна градина“. Во 2000 година го објавува романот „Уморниот воин и осамените маргиналци“ (Едиција „Змеј“, ИК Штрк, Скопје), а во 2012 година излегува и книгата со песни и приказни за деца „Некои песни, некои раскази“ (ЗД Графопром, Битола).
Неговиот книжевен израз за деца продолжува преку комерцијалните сликовници „Битолското Чупе – Во куќата на витамините“ (2015) и „Битолското чупе – Пат околу светот“ (2016), издадени од Битолска млекарница, како и преку изданијата на Едиција „Клинци“ од „Слово љубве“, Скопје: „Доживувањата на Мравката Боро“ (2016), „Приказни за убавото однесување (Бон тон за деца)“ (2017), „Вистинската приказна за Дедо Мраз“ (раскази за деца, 2019) и збирката бајки „Срцето на двоглавиот змеј“ (2021). Во поново време ги објавува и збирката раскази „Запрено време“ (Слово љубве, Скопје, 2023) и романот „Малото пиле и духовите на минатото“ (Панили, Скопје, 2026).
Фрагментарно е преведуван на српски, бугарски, албански, руски, турски и англиски јазик, а на книжевната сцена се јавува и како есеист и критичар. Во периодот од 1996 до 1998 година работел како главен и одговорен уредник на списанието за литература, уметност и општествени прашања „Развиток“ од Битола.
Енис Хилми е дводомна прозна авторка (Охрид, Македонија и Берлин, Германија) која течно говори македонски, турски, англиски и германски јазик. Авторка е на збирката раскази „Берлин – градот што не го засакав од прва“ (Темплум, добитник на наградата „Новите!“ за најдобар дебитантски прозен ракопис за 2025 година), како и на романот „Само уште еден скок“ во издание на Светулка нова (2025). Енис Хилми има тринаесетгодишно професионално искуство како државен службеник во областа на културата и економијата. Била хонорарна соработничка во голем број списанија во Македонија и Германија, вклучувајќи ги Форум, Плус и Глобус од Скопје и German Times од Берлин. Голем број раскази од збирката раскази „Градот што не го засакав на прва“ се објавени на порталот за култура Окно. Исто така, била советничка во Секторот за мултилатерална соработка, самостојна советничка во Одделението за соработка со Балкански земји и Секторот за меѓународна соработка, како и долгогодишна менаџерка на арт-кафе и организаторка на културни настани.
септември 22, 2026
