Хроника
Пожар во овоштарник кај Градско навреме изгаснат, спречено проширување кон куќа
Брзата интервенција на пожарникарите од Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Велес спречи пожарот што избувнал во овоштарник во Градско да се прошири и да зафати станбен објект.
Од ТППЕ Велес информираат дека денеска во 10:30 часот добиле дојава за запалена куќа на улицата Маршал Тито бр. 5 во Градско. Веднаш на терен биле испратени две противпожарни возила и четворица пожарникари.
По пристигнувањето на местото на настанот, екипата утврдила дека не гори куќата, туку овоштарникот во нејзина непосредна близина. Благодарение на навремената интервенција, пожарот бил брзо локализиран и изгаснат, при што било спречено огнот да се прошири кон куќата.
Во гаснењето на пожарот учествувале и пожарникари од ТППЕ Неготино.
Од ТППЕ Велес повторно апелираат до граѓаните да не палат сува трева и стрништа на отворен простор, бидејќи и најмал пожар може за кратко време да прерасне во голем пожар со сериозни последици. Во случај на забележан пожар, граѓаните треба веднаш да се јават на бесплатните телефонски броеви 193 или 112.
август 1, 2026
